Започна полагањето на државна матура

Првиот испит на државната матура, мајчин јазик и литература денес го полагаа вкупно 1251 матурант од сите средни училишта во Куманово. Македонски јазик полагаа вкупно 546 ученици додека албански јазик полагаа вкупно 705  ученици. Тестирањето започна во 10 часот. Во процесот на реализација на државната матура беа ангажирани  наставници во улога на тестатори и набљудувачи претставници од институции надлежни за образованието во земјава. Испитниот материјал беше доставен во училиштата изутрина пред почетокот на тестирањето  и се враќа во Државниот испитен центар по завршување на испитот.

-Денес започнува полагање на државна матура и првиот ден е полагање на македонски и албански  јазик. Во нашето училиште македонски јазик полагаат 114 ученици додека албански јазик полагаат 215 ученици.  Присутни се тестатори во секоја училница, а процесот го набљудува претсавник од Биро за развој на образование од подрачна единица Куманово, а секако има и супервизија која тече во моментот од Државниот просветен инспекторат, вели Лидија Михајловска, директор на средното техничко училиште „Наце Буѓони“.

Во економското училиште „Перо Наков“ македонски јазик полагаа 120 ученици, а исто толкав број на ученици полагаа албански јазик. Во земјоделското училиште „Киро Бурназ“ првиот испит од државната матура го полагаа само 17 кандидати. Во Гимназијата „Сами Фрашери“ албански јазик полагаа вкупно 312 матуранти. Во Гимназијата „Гоце Делчев“ , пак, македонски јазик полагаа вкупно 295 ученици.

-Нема отсутни ученици, сите се присутни, навреме започна тестирањето и мислам дека ќе заврши без никакви проблеми. Тестатори имавме од другите училишта, а набљудувачи има од Министерство за образование и од Биро за развој на образованието, а имавме и контрола од Државен просветен инспекторат. Навреме стигна материјалот изутрина и се е навреме поделено, сите тестатори се присутни и тестирањето се одвива без проблеми, вели Горан Димитријевиќ, директор на Гимназијата „Гоце Делчев“.

Од денес до 19 јуни ќе се реализираат сите екстерните испити од државната матура во оваа учебна година. На 15 јуни ќе се полага странски јазик, а на  17 јуни ќе се полага математика. На 19 јуни ќе се полагаат општо образовните предмети: физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика. Првичните резултати од екстерните испити на кандидатите ќе им бидат достапни најдоцна 30 дена од спроведувањето на последниот екстерен испит. Кандидатите ќе имаат право на приговор по што се добиваат конечните резултати, а по нив следат  дипломите.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)