Започна уписот на првачињата

Училиштата во земјава ги отворија вратите за упис на првачињата. Од денеска почнува приемот на документите во училиштата кои мора строго да се придржуваат до протоколите кои ги утврди Владата, како мерки за заштита од ширењето на корона вирусот.

Истакнати се едукативно-информативни материјали, и за родителите и за децата со цел почитување на превентивните мерки.

Дозволено е децата да дојдат во училиштата само со еден родител, а помеѓу секој термин за разговор со секое дете потребно е да има пауза во траење од најмалку 20 минути.

Од безбедносни, но и други причини, основното училиште „ Крсте Мисирков“ на барање на родителите изготви електронски формулари, информира директорот Александар Јовановиќ.

– На барање од родителите кои се врзани со работните обврски, родители кои што работат надвор од Куманово, а има и родители кои што се изолација или сместени во карантин, изготвивме електронски формулари или е-формулар кој е објавен на нашата фан и веб страна на која родителите може да ги пополнат генералиите, податоците и сето она што се бара од дома и штом ја пополнат стигнува до нашиот сервер, штом ќе дојдат на прием само останатите податоци се пополнуваат или доставуваат и не се задржуваат во затворен простор и на барање на родителите поради големиот број на дечиња кои што доаѓаат да бидат тестирани дополнително и ние тоа го прифативме. Денеска ќе примаме документи, а во нареден термин ќе издвоиме простор за да дојдат дечињата и да бидат запазени сите мерки согласно протоколот да бидат тестирани, изјави  Александар Јовановиќ, директор на ООУ „Крсте Мисирков“

Во „Крсте Мисирков“ можат да се запишат вкупно 150 првачиња во пет паралелки.

Педесетина првоодделенци помалку од ова училиште своето основно образование ќе го стекнат во училиштето „11 Октомври“ односно вкупно 101 прваче во четири паралелки.

– Денеска се уште е информативно, се информираат родителите затоа што уписот оваа година треба да се прави согласно новиот протокол што го добивме во сабота од МОН. Освен оние потребни документи како и секоја година што се доставуваат за упис во училиште, тоа е извод од матична книга на родените, независно од датумот на издавање, значи нема потреба од нотарска заверка, потврда за примени вакцини, потврда од матичен стоматолог и документ  за идентификација на родителот односно старателот и детето треба да биде присутно со тоа што ќе бидат запазени безбедносните мерки, изјави Елизабета Костадиновска Костиќ, директор на ООУ „11 Октомври“

Од Секторот за образование при Општина Куманово информираат дека вкупната бројка на децата родени во 2014-та заклучно со јануари 2015-та по список добиен од надлежната служба изнесува 1.693. Списокот е доставен до сите основни училишта кои што согласно реонизацијата евидентирале вкупно 1.505 деца или 188 деца помалку од вкупната бројка на родени во 2014-та  и јануари 2015-та година.

Колку вкупно ќе се запишат ќе се знае на крајот на месецот, откако ќе заврши уписот на 30 јуни, информираат надлежните, потенцирајќи дека праксата покажува дека и оваа бројка е далеку од фактичката состојба.

 

 

 

 

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)