Започнуваат последните подготовки за Параолимпијада

Кумановецот Бранимир Јовановски кој го има освоено првиот златен медал по осамостојување на Македонија во стрелаштво на параолимписките игри во Барцелона 1992 година, заедно со својот тим од двајца натпреварувачи започнува со последните подготовки за параолимписките игри во Рио. Јовановски како тренер по стрелаштво досега на Параолимписките игри има големи успеси со натпреварувачите Ванчо Каранфилов и Оливера Наковска – Бикова. Каранфилов се има закитено со сребрен медал на Параолимписките игри во Атина 2004 година, а Наковска – Бикова на последната Параолимпијада која што се одржа во Лондон 2012 година го освои златниот медал и  го сруши светскиот рекорд. Јовановски кој што е моментално претседател на „Одбор за Параолимписки игри при Федерација за Спорт и Рекреација на инвалидите на Македонија и претседател на Мобилност, Македонија, Национален Сојуз на лица со телесен инвалидитет истакна дека натпреварувачите кои што ќе заминат на Параолимпијадата раполагаат со големо меѓународно искуство и од нив се очекува да ги повторат или да ги подобрат личните успеси од ова натпреварување.

-Оливера и Ванчо заедно со Лидија Крстевска направија минимум потребни норми за параолимсписки игри, но системот се промени од оваа година и требаше да се освојат и квоти. Квота значи дека на одредено првенство треба да се освои одреден пласман 1,2 или 3 место. Тоа им тргна од рака само на Оливера и Ванчо и тие двајцата ќе не претставуваат на Параолимписките игри во Рио 2016 година, вели Бранимир Јовановски, тренер по стрелаштво

Јовановски истакна дека последните подготовки ќе бидат од голема важност за натпреварувачите, но сепак посочи дека во стрелаштвото е неопходно да се работи постојано и посветено како на физички така и на психолошки план. Според Јовановски еден од поважните фактори за успех е и конекцијата помеѓу тренерот и натпреварувачот.

-Работиме во ист клуб, меѓутоа Оливера е на поголемо растојание 180 километри од овдека, но имаме разработено шема, нејзини доаѓања во Скопје или мое одење во Битола, за да се држи во континуитет тој тренажен процес. Стрелаштвото е спорт на ментална силина многу повеќе отколку физичка силина и навистина некоја мала нервоза или недоверба до себе може да го поремети целиот тренажен процес од неколку месеци, вели Бранимир Јовановски, тренер по стрелаштво

Во рамки на параолимписките игри има 12 дисциплини во стрелаштво од кои четири се пиштолски и осум со пушка. Натпреварувачите кои што ќе ја претставуваат Македонија ќе се натпреваруваат во пиштолските дисциплини.

-Воздушен пиштол мажи и жени. Оливера се натпреварува во категорија жени. Тие имаат 40 истрели мажите имаат 60 истрели. Дисциплина спорт пиштол која се стрела на 25 метри, тоа е интересна дисциплина бидејќи е поделена во два дела. Првиот дел се стрела прецизно, вториот е брза стрелба кога метата е отворена само 3 секунди вие за три секунди треба да подигнете пиштол, да нанишаните и да испалите, многу атрактивна дисциплина и четвртата е малокалибарски пиштол слободен избор тоа се стрела на 50 метри, вели Бранимир Јовановски, тренер по стрелаштво

По завршување на подготовките на 30ти август репрезентативците ќе заминат за Рио, а ќе се вратат на 21ви септември. Свеченото отварање на параолимписките игри е на 7ми, а свеченото затварање е на 18ти септември.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)