Затворен градски пазар бараат пазарџиите

Студеното време го преполови пазарот во Куманово. Поради студот и снегот деновиве на зелениот пазар се помалку тезги и послаба понуда на производи, а бројот на купувачите е сведен на нула. Пазарџиите и граѓаните со години бараат подобрување на условите на зелениот пазар.

Изградба на затворен градски пазар и подобрување на хигиенските услови е она што им е најпотребно на пазарџиите кои што имаат закупено тезга и секој ден се на пазарот.

Ленка Мариновска од село Љубодраг речиси 40 години е на пазарот и е регистриран земјоделец, но смета дека под итно условите треба да се подобрат бидејќи закупнината што ја плаќаат за тезга воопшто не е евтина, а за возврат не добиваат ништо, само болест од студот.

-Хигиената е на прво место, пазарите не се средени, не се исчистени. Кога се реновираа тоалетите наместо за две недели, тие се правеа два месеца. Закупнина за тезга е околу 2500 денари. Летоска сме на плус 40 степени, нема изолација, нема ништо, нема ни осветлување. Пазарот не е исперен со вода десет години, кога немавме покрив тезгите секое утро беа чистени , сега не се перат. Хигиената е на ниско ниво, има една чешма има за цел пазар. Ѓубрето три дена не  се собира, изјави Ленка Мариновска од с. Љубодраг

Пазарџиите со поплаки дека при вакви временски услови прометот е слаб,  производите тешко се транспортираат , а овошјето и зеленчукот лесно можат да замрзнат. Кога пазарот би бил затворен би било потопло внатре, продуктите не би замрзнувале и граѓаните наместо во маркетите, свежо овошје и зеленчук би купувале на пазар.

-Робата слабо оди, народот  нема пари, ниски пензии, никој не земал плата. Тешко е , зима е , незаштитени сме, ветер, студено, провев, ова е болест, не е за секој човек. Џабе е да се менуваат тезгите, кога пазарот не е заштитен. Како ќе менуват  тезги, кога пазарот не е заштитен, пазарот треба да е затворен простор. Ако дадеш 50 евра, барем да не мрзеш и 5000 денари паушал. За нас нема ништо, само колку да не сме дома, изјави анкетиран пазарџија.

-Не сме задоволни, многу е студено, снег вее. Да се покрие , да не дува ветер, иако го реконструираа пазарот, ништо не е заштитено. Нема хигиена. Не се чисти тоалетите, изјави анкетирана пазарџика

Директорот на јавното претпријатие „Пазаришта“ , Илир Саити на последната седница на Советот на Општина Куманово се пофали пред советниците и јавноста дека работи на подобрување на условите, еден дел од пазарот, покривот, тоалетите се реновирани, а со средствата кои што останале ќе се санира и останатиот дел.

Саити најави и замена на тезгите на зелениот пазар кои што се поставени пред повеќе од 50 години, а не се заменети досега. Средствата за поставување на нови тезги, директорот планира да ги обезбеди преку заеднички проект со српската општина Бујановац. Според него, јавниот повик со Р.Србија ќе биде објавен месецов.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)