Зачестените убиства, резултат на агресија и кризата во општеството

Двете убиства кои се случија во последните две недели ги потресоа кумановци и внесоа страв во секојдневното живеење. Се полесно се посега по огнено оружје за расчистување на сметките наместо да се користат цивилизирани форми за решавање на проблемите. Полицијата работи на расветлување на убиствата во Куманово кои се резултат на зголемена агресивност и нарушени општествени вредности. Поради неодамнешните вооружени дејствиа во населбата „Тоде Мендол“ кои ја потресоа пошироката јавност и убиствата кои се случија периодов, многумина се прашуваат, што е причината што Куманово стана како Дивиот запад. Одговор за ваквите вознемирувачки статистики побаравме од социологот Маријан Младеновски кој причината ја гледа во кризата на институционалниот систем и начинот на кој се спроведува законот.

-Зголемувањето на насилничкиот криминалитет особено убиствата како најтежок облик на општествена девијација во едно општество во социолошката и криминолошката литература се објаснува со вообичаена последица од некаква криза во системот. Првично самиот факт дека некој ја зема правдата во свои раце говори дека не постои доверба во иунституциите во системот. Од тој аспект генератор на ваквите состојби самиот систем и кризата во системот, вели Маријан Младеновски, универзитетски професор по социологија.

Според психологот Соња Алексиевска, убиствата се резултат на зголемената агресивност кај луѓето, а се почесто и поради изгубените семејни вредности.

-Кај луѓето постојат два типа на енергија, љубов и енергија на смрт и уништување. Не смее да се генерализира дека сите сме убијци.Како се развивала еволуцијата морала да се развие таа енергија за да опстане човекот. Постои правило дека агресијата ќе роди агресија, а мирољубивоста, мирољубивост. Решавањето на проблемите на ваков начин претставува активирање на овој дел од мозокот за да дојдат до својата цел и да го решат проблемот. Толеранцијата кај овие луѓе е сведена на минимално ниво или воопшто не постои, вели Соња Алексиевска, психолог.

Експертите сметаат дека поединци посегнуваат по оружје и убиваат сакајќи да ги превземат работите во свои раце бидејќи немаат доверба во институционалната разврска на проблемите кои ги засегаат.

-Значи општествениот, политичкиот и казнено – правниот систем веројатно се во криза и некој решава да ја земе правдата во свои раце и да има вакви несакани последици,објаснува Младеновски.

Според психолозите емоцијата е најголем непријател на свеста и обратно, а најчесто убијците растат во агресивна средина и убиствата ги извршуваат во афект.

-Афект нема свест, тоа се делови од секунди каде што се прават тие дела. Сите имаме дел од мозокот за решавање на проблемите, оној когнитивниот дел. Многу е подобро веќе кога созрееме секој за себе да работи на подобрување на функцијата на тој дел од мозокот бидејќи убаво е да се живее, а секој проблем има решение, објаснува Алексиевска.

Статистичките податоци на полицијата за минатата година говорат дека во земјава се случиле вкупно 17 убиства во кои имало 20 жртви. Во 2013 пак, регистрирани биле вкупно 20 кривични дела убиство при што убиени биле вкупно 22 лица. Инаку, најголем број убиства досега,вкупно 75 се регистрирани во 2003 година.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)