Зачука камбана кај светата вода – Свети Марко

Голем број верници денеска го посетија бунарот со света вода чиј патрон е празникот Свети Марко. На 15-годишнината од постоењето на светата вода, за првпат зачука и камбаната, подарок од семејството Мисевски. Според свештените лица, ѕвонот во црквата служи да ги повика верниците да го чујат Светото евангелие, да го чествуваат празникот и да им дарува здравје и мир. Местото каде што е ископан бунарот и дошло на сон на кумановката Тројка Јанчевска, која како што вели, цели три месеци се обидувала да го пронајде.

-3 месеци талкав, без спиење и кога дојдов го прашав управителот дали може да го погледнам местото, тука беа камења, рушевини и јас направив круг, најдов и нацртав круг каде треба да се отвори света вода Свети марко, значи жива вода и таа вода е за лек, за телото и за душата, изјави Тројка Јанчевска.

Тројка никогаш не помислувала дека патот ќе ја води кон црквата и кон читање молитви. За нејзиното семејство црквата претставувала табу тема, бидејќи татко и бил воено лице. Со текот на годините многу тешко, но сепак ја прифатиле нејзината определба. А парите за камбаната Тројка ги чувала пет години.

-Оваа камбана 2010 година една жена од Скопје беше во болница, а има фамилија во Куманово, таа не знаеше ништо за мене, ниту за Свети Марко, таа напиша 50 евра давам за учителка Тројка, 50 евра давам за Свети Марко, кај местото света вода што треба многу да ја почитува народот ќе се слуша звукот на камбаната, изјави Тројка Јанчевска

Денешниот ден некои граѓани го празнуваат како слава, некои како именден. Без разлика кој зошто го чествува празникот Свети Марко, верниците беа дел од општо народниот собир, проследен со зурли и тапани. Освен што запалија свеќи за здравје, верниците си наполнија и од светата вода од бунарот.

-Дојдовме за празник за свети марко да запалиме свеќи и да се помолиме на бога за здравје, изјави граѓанин

-Дојдовме за здравје, за напредок во куќата, за напредок на децата, водата е света, знаеме и кој ја открил, Тројка, убава атмосфера, многу народ, рече посетител

-На годишен одмор сум, живеам во Хамбург а пораснав во Куманово, оваа вода е прочуена, добра е, местото е многу убаво, се миевме со водата, додаде граѓанин.

Минатогодишниот кум го предаде кумството на петмина доброволци за идната година.

Инаку, Свети Марко е еден од четворицата евангелисти автори на Новиот Завет од Светото Писмо.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)