За еден ден – три интервенции на ТППЕ Куманово

Во текот на вчерашниот ден, територијалната противпожарна единица од Куманово интервенирала на три пожари. Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи, првата интервенција е регистрирана на улицата „Ленинова“ бр.30 по пријава за опожарено моторно возило – скутер. Во селото Табановце, пожарникарите интервенирале на запалена сува трева и дабова шума. Додека во селото Павлешенце, коешто се наоѓа на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, територијалната единица од Куманово интервенирала со едно возило и четири пожарникари, околу 15 часот и 30 минути, по барање на противпожарната служба од Свети Николе, на пожар од поголеми размери, од кој била зафатена борова шума покрај самиот пат. Пожарот бил локализиан вечерта во 21 часот и 40 минути. Густиот чад од пламените јазици предизвикал сообраќајна незгода помеѓу две возила, при што едно лице се здобило со потешки телесни повреди, а две лица се вон животна опасност. Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи, едното возило било целосно опожарено. Во текот на денешниот ден, пак, противпожарната служба од интервенирала на 3 нови пожари на територијата на општина Куманово. Од ТППЕ велат дека во овој период од годината, човечкиот фактор не е причина за опожарување, но упатија апел до граѓаните да бидат повнимателни и да не палат огин на отворено, како и да внимаваат на неизгаснатите отпушоци од цигари.

Коментари

коментар(и)