Зголемен бројот на доктори на науки

Од вкупно 201 лице што одбраниле докторска дисертација минатата година, повеќе од половина или 57,2 отсто се жени, а најголем број од докторите на науки или 23,4 отсто докторирале во областа на здравството и социјалната заштита

Со звање доктор на науки минатата година се стекнале 201 лице, што е зголемување за 15,5 отсто во споредба со 2020 година. Со звање магистер на науки, пак, лани се стекнале 1 727 лица, а 249 лица се стекнале стекнале со звање специјалисти, што споредбено со 2020 година, е број зголемен за 12,4  проценти, објави Државниот завод за статистика.

Најголем број од докторите на науки или 23,4 отсто, докторирале во областа на здравството и социјалната заштита. Во областа на општествените науки, новинарството и информирањето докторирале 17,4 проценти од докторираните. Следуваат бизнис, администрација и право со 15,9 проценти, уметност и хуманистички науки со 11,4 проценти, а останатиот дел од областите се со помал процент на застапеност.

Повеќе од половина или 57,2 отсто од оние што одбраниле докторска дисертација минатата година се жени, а најголемиот процент од вкупниот број лица што докторирале, односно 30,8 проценти ја вршат својата професија во образовната дејност.

Учеството на жените магистри, пак, во вкупниот број лица што стекнале научен степен магистер на науки, во 2021 година е 59,6 проценти.

 

 

Коментари

коментар(и)