Згрижувач на четири деца: Тие ми донесоа радост и љубов

Педесетгодишната Сузана Величковска од Куманово во моментов згрижува четири социјално загрозени деца. Топлината во нејзиниот дом во изминатите години ја имаат почувствувано 12 деца. Сузана која 30 години е во брак, но нема свои деца, одлучила родителската љубов да им ја пружи на овие деца.

-Овие дечиња што доаѓаат во моето семејство, претходно немале многу внимание, љубов и сега сето тоа тие го бараат. Ти кажуваат што сакаат, да ги гуштеш, да ги бакнеш-изјави таа.

Сузана раскажа дека работниот ден со овие четири деца, од кои најмалиот член има четири години, а највозрасниот десет и е многу забавен и исполнет.

-Да се биде згрижувач е исто така голема чест, бидејќи ние сме во брак 30 години, немавме наши дечиња. Јас немав можност да одведам дете на училиште, да отидам на родителски. На мене ми донесоа многу голема радост, задоволство, љубов.

Во Куманово досега седум семејства имаат згрижено околу 20-ина социјално загрозени деца. За секое дете тие добиваат паричен надомест од 6.000 до 9.000 денари.

-Ние ги следиме овие згрижувачки семејства, имаме деца кои што се без родители или родителска грижа и деца со пречки во развојот. Би упатила апел граѓаните да се инфорамираат за згрижување и пружање помош на лицата на кои им е неопходно, со кои животот не бил милосрден и праведен-изјави Наџије Мустафа од Центарот за социјални работи во Куманово.

Министерството за труд и социјална политика неодамна ја започна кампањата на секое дете му е потребно семејство, со цел да ја подигне свеста кај граѓаните за значењето и можностите на згрижувачките семејства.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)