Зелениот пазар изминативе два дена беше затворен, од денес состојбата полека се враќа во нормала. Дел од тезгите во долниот дел од пазарот работеа, а најмногу се продаваше зеленчук и овошје. Тезгаџиите велат дека претрпеле загуби бидејќи сега мораат да ги продадат заостанатите производи со два дена задоцнување кои не се свежи. Тие објаснуваат дека состојбата сеуште е тензична и не очекуваат голем број на муштерии во текот на денот.
-Немаме никакви штети тука на тезгите само робата ни застаре, народот почнува од денес да купува и да излегува. Народот најмногу купува за јадење бидејќи домашните резерви се потрошени.
-Муштериите се враќаат нормално, состојбата е мирна нема ништо до сега. Штета има секој тезгаџија овдека. Помеѓу нас нема ништо ние функционираме нормално
-Состојбата се нормализира , муштерии има послабо – велат тезгаџиите на Зелениот пазар.
На Зелениот пазар нема народ како вообичаено, имаше неколку повозрасни граѓани кои излегле да купат свежо овошје и зеленчук. Тие објаснуваат дека ги потрошиле своите резерви бидејќи два дена неможеле да излезат од дома и им недостасуваа свежи продукти. Муштериите на пазарот велат дека полека состојбата се враќа во нормала но сеуште треба да помине време.
-Пазарот е добар, купувам домати и се што ми недостасува бидејќи неможевме од дома да излеземе. Надобро да биде мирно
-Состојбата се нормализира најмногу купувам пиперки и патлиџани бидејќи ги потрошивме – велат купувачите.
Кумановци сеуште во шок по дводневниот вооружен судир во населбата „Диво насеље“ во чија непосредна близина е Зелениот пазар. Сите со неверување дека вакво нешто можело да му се случи на градот, да ја дестабилизира состојбата на движење и нормален живот.