Земјоделците аплицираат за субвенции

Во тек е поднесувањето на барања за субвенции во подрачното министерство за земојделство. За да се добие финансиска поддршка за житни култури земјоделците треба да знаат дека минималните површини кои треба да бидат засадени со една култура  се 3 декари, информираат од Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството.

-Ако во таа парцела има насадено друга култура на пр. некој зеленчук, кромид или било што тој дел од таа површина да го одземат и да го пријават онолку колку што имаат засадено со житни култури. Истото важи за кравите и  за овците.  Оние на кои им се обележан, кои мислат да ги чуваат до 31 октомври,  тие треба да ги пријавуваат .Сега има уште еден додаден прилог за пријавување на капацитетите,  ако нешто не им е јасно на земјоделците со тој прилог можат да дојдат тука за да му помогнеме да го пополнат, изјави Живка наумова, раководител на Агенција за поттикнување и развој на земјоделството

Земјоделските производители веќе аплицираат  во надлежното подрачно министерство. Тие се задоволни од средствата кои ги дава државата, а  многу повеќе од редовната исплата на субвенциите.

-За земјоделие само поднесувам, имаме насеано пченица, јачмен, друго не произведуваме, крави и свињи не одгледувам. И минатите години  ја користев мерката,  субвенциите редовно се исплаќаат, задоволни сме од оваа мерка,  изјави Љубе Димитриевски од село Младо Нагоричане

-Имам 8 декари земја, изорана е нивата, сега треба да ја прскам. Посеана е со пченица и јачмен, добивавме редовно субвенции, задоволни сме од мерката, а природните непогоди не можеме да ги контролираме, за врнежите од дожд тие не се виновни, изјави Милосав Крстевски од Карпош

И од Агенцијата потврдуваат дека кај граѓаните постои интерес за оваа владина мерка. Според Наумова, финансиската поддршка за пченицата изнесува  10.000 денари по хектар површина, за јачмен и овес  кои се сметаат за сточна храна се даваат по 12.000 денари, плус 2.000 денари за семенски материјал, за грло говедо земјоделците земаат по 2.800 денари, а за овца по 1.000 денари. Од 25.000 до 33.000 денари се доделуваат  за зеленчук зависно од тоа дали се сади на површини на отворено или станува збор за пластеничко производство.

Надлежните информираат дека во тек е и поднесувањето на барања за млеко за 2014-та година, конкретно за последните 3 месеци од минатата година.

Коментари

коментар(и)