Зоран Дамјановски е реизбран за претседател на Совет на СИПР

Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски е реизбран за претседател на Советот на Североисточниот плански регион. Тој по четврти пат едногласно ја доби довербата од своите колеги од Старо Нагоричане, Липково,  Крива Паланка, Ранковце и Кратово.  Бидејќи Куманово партиципира најголем фонд на средства во буџетот на регионот,  околу 65 проценти логично е градоначалниците да дадат предност на најголемата самоуправа во државата, смета Дамјановски. Тој  додава дека иако Советот на СИПР е формиран согласно  Законот за рамномерен регионален развој  државата не издвојува доволно средства за овој регион. Се надева дека во наредниот период подобро ќе се имплементира законот , а регионот ќе ги добие заслужените инвестиции.

-Се борам за она што законот го предвидува, тоа е да еден процент од бруто национален доход биде поделен на шесте региони плус два региона во Скопје и по таа основа овој регион би требало 17 проценти од тој вкупен буџет кој треба да биде за регионален развој а тоа во просек би требало да биде 13 или 14 милиони евра, на жалост ние како регион  добиваме стотина и педесет илјади евра што не е доволно за работа на самата канцеларија, а не за некои големи проекти од регионално значење – изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

Изградба на Регионален центар лоциран на Чоробенско ќоше, фабрика за согорување на отпад, филтер станица и цевковод Куманово-Липково се дел од регионалните проекти кои според градоначалникот требало да се реализираат, а се уште се во фаза на проектна документација.

Градоначалниците од останатите општини сметаат дека Советот на североисточниот плански регион е пример за едногласно донесување на одлуките и покрај тоа што во него партиципираат претставници од повеќе политички партии. Градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски смета дека регионалниот развој е фаза која заживува во државата,  а регионите како консултативни тела се уште ја немаат функцијата која треба да ја добијат. Се надева дека тоа набрзо ќе се случи.

– Дамјановски беше избран едногласно, ние впрочем во СИПР  сме шест општини од 5 политички партии така што мора да кажам дека сите одлуки кои сме ги донеле досега сме ги донеле едногласно. Имаме добра соработка, ние можеби имаме политички разидувања, но сепак при работата кога се однесува за регионот за граѓаните имаме добра соработка, еден добар начин на работа. И денеска разговараме преку Агенцијата за финансиската подршка на земјоделието во руралниот развој вклучени се регионите се договараме со кои проекти која општина да оди и мислам дека постигнавме еден добар договор да оваа година да одат три општини наредната година на повикот да одат останатите три општини мислам дека соработката е убава а и самиот развој на функциите на регионот веќе полека полека добива на значење, изјави Арсенчо Алексовски, градоначалник на Крива Паланка

Североисточниот регион е формиран во 2009-та година и е еден од осумте статистички региони на Македонија.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)