(ВИДЕО) Зоран Ристовски со сребрен медал на Европско првенство во велосипедизам

Во силна конкуренција Зоран Ристовски од Куманово како претставник на Македонија го освои второто место на Европското првенство во велосипедизам во категоријата од 55 до 59 години, кое се одржа викендов во Верона, Италија. Европското првенство за велосипедисти аматери е во организација на Европската велосипедска федерација.

-Во моја корист беше тоа што бев најмлад во мојата група, успеав да освојам сребрен медал, освоено второ место во конкуренција на 94 велосипедисти конкретно во мојата група од цела Европа и сум многу задоволен од мојот резултат. Патеката беше долга 129 километри, исклучително тешка патека со искачувања од 2600 метри, голем метеж беше, многу велосипедисти, требаше да се избориме за позиција, требаше да се држи под контрола целата трка, изјави Зоран Ристовски, велосипедист

Ристовски со велосипедизам се занимава од 80-тите години  на минатиот век, а последниов резултат е најдобар споредбено со неговите досегашни учества на Европските првенства за аматери.

-Ова е мое четврто учество на Европски првенства и досега сум имал добри пласмани. Првпат успеав да бидам 19-ти, на второто Европско превенство – деветти, тогаш добив и категоризација на спортист од Агенцијата за млади и спорт со признание – меѓународна спортска класа, следното европско првенство ми беше во Чешка, тогаш го подобрив и мојот статус на категоризиран спортист, тогаш добив категоризација – спортист од светска класа и конечно сега успеав да освојам медал со што ги исполнив условите за доделување на категоризацијата – национално спортско признание. Тоа е врв на секој спортист во оваа држава, изјави Ристовски.

Велосипедистот Ристовски е член на Младинскиот велосипедски клуб од Велес.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)