Иванов од Пелинце повика на национално помирување

Како што во 1941-та се сплотивме за да се избориме за слобода и државност, како што во 1991-та се сплотивме за да прогласиме независност и сувереност, така, и денес, треба да се сплотиме за да ја зачуваме слободата и државноста, независноста и сувереноста на Република Македонија. Денес, повеќе од кога и да е поранo, потребен ни е процес на национално помирување!“ порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов  вчера од меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, каде традиционално се  одбележа  националниот празник Илинден.

Иванов  повика да ја почитуваме и сакаме Република Македонија, бидејќи само во неа имаме слобода и безбедност, и таа е најсигурен влог во иднината на нашите деца. А сето тоа, рече, ќе го постигнеме само ако се помириме и сплотиме.

– Денес, на ден Илинден, во името на нашите херои од минатото, но и нашите деца, кои се херои на иднината, ве повикувам да ги жртвуваме личните заради општите интереси, тесно-партиските заради државните интереси. Да изградиме култура на дијалог и компромис, но и чувство за единство околу државните интереси. Ве повикувам дијалогот да го водиме во институциите, а не во амбасадите. Поддршката да ја бараме од граѓаните, а не од меѓународните фактори, порача македонскиот претседател, изјави Ѓорѓе Иванов, претседател на РМ

Пораки за мир, единство и сплотеност меѓу граѓаните од чествувањето на Илинден во Пелинце испратија и пратениците, претставници на политички партии, градоначалниците од североисточниот регион.

Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце е изграден во 2004-та година. Во него се наоѓа копија на собата во манастирот „Прохор Пчински“, во која се одржало Првото заседание на АСНОМ, како и спомен-собата во која се изложени документите од создавањето на македонската држава.

Културно- историскиот и спортско- рекреативниот центар  се наоѓа на два километра оддалеченост од историското место каде е одржано првото заседание  – манастирот Св. Прохор Пчински.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)