Игор Митевски – нов командир на ПС Општа надлежност

Игор Митевски е новиот командир на полициската станица од општа надлежност Куманово. Тој е избран со поддршка од 17 советници на денешната седница на советот на општината. Митевски е еден од тројцата кандидати предложени од министерот  за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а воедно и предлог на надлежната комисија. Советникот Драги Караџински побара образложение зошто се менува командирот кога последните неколку извештаи за работата на полициската станица од општа наделжност биле позитивни.

Според претседателот на Советот, Максим Димитриевски денеска за првпат профункционирала вистински локалната самоуправа и реалната децентрализација во РМ.

-Она што е предвидено согласно законот од страна на Советот беше испочитувано во целост. Советот на општина Куманово со мнозинство на гласови од советниците донесе одлука за избор на нов командир на ПС од општа надлежност Куманово, тоа значи дека граѓаните на Куманово одлучија кој ќе биде новиот градски шериф во нашата полициска станица. Морам да потенцирам дека советот и во изминативе години даде голем број забелешки до полициската станица од општа надлежност и самите командири во делот на самиот сообраќаен хаос во градот, непочитување на барањето на советот за воведување на позорникарска служба и други пропусти во делот на намалување на криминалитетот, изјави Максим Димитриевски, претседател на Совет на општината

Новиот командир Митевски доаѓа на местото на в.д. командирот Никица Петрушевски. Митевски ,Петрушевски и Игор Ивановиќ  се тројцата кандидати предложени од министерот Спасовски.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)