Избледените пешачки премини – опасност за граѓаните

На кумановските улици, со ретки исклучоци, хоризонталната сообраќајна сигнализација е избледена или воопшто не постои. Ова се однесува и на централното градско подрачје, каде што фреквенцијата е најголема и е неопходно обележување на пешачки премини и линиите што го обележуваат правецот на движење на возилата. Граѓаните се загрижени за својата безбедност како пешаци, но и како возачи. Иако проблемот навидум не изгледа многу сериозно, сепак последиците би можеле да бидат фатални со оглед на тоа што ниту пешаците не знаат каде и кога да ја преминат улицата, ниту возачите знаат каде да го запрат своето возило што во одредени случаи доведува до сообраќајни несреќи.

Обележување на улиците во Куманово вообичаено се врши на речиси секои две години  бидејќи подлогите на улиците не се адекватно подготвени, но и самата состојба на сообраќајниците не дозволува трајни обележувања кои се и поскапи и подолготрајни, вели Дамјановски.  Денеска требаше да биде отворен тендерот за обележување, а до крајот на месецов и тендерот за поставување на сообраќајните знаци. Според надлежните, проблемот за одолговлекување на постапката е во Советот за јавни набавки.

– Ние имаме проблем тоа што два пати овие постапки се вратени од Советот за јавни набавки од за нас неразбирливи причини. Како пример ќе напоменам , за обележување на сообраќајници е вратено затоа што не сме требале да напишеме образец, можело да биде фирма-поединец, замислете тендер од три ипол милиони денари за обележување на град да ги земе еден поединец, пример еден молер, нешто што е нелогично и не е во согласност со никакви правила, никаква гаранција или квалитет не можеш да обезбедиш како критериум. Така што мислам дека тие нелогичности на Законот за јавни набавки со постојани измени  дефинитивно не доведоа во една хаотична состојба во работата на локалните самоуправи и таков е примерот и во другите општини, изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово

Со отворањето на тендерите за обележување и поставување знаци на улиците ќе заврши првиот дел од циклусот, крпење на ударните дупки, а поголемиот дел од санацијата на сообраќајниците ќе започне за околу еден месец. Тоа значи дека комплетно реконструирани и обележани улици во градот ќе имаме во есенскиот период.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)