Изведена претставата „Премиера во сабота“

„Премиера во сабота“ е насловот на комедијата на прилепскиот народен театар „Марко Цепенков“, која синоќа беше изведена во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, во рамки на фестивалот „Денови на комедија“.  Претставата е напишана по текстот и во режија на истакнатиот македонски актер, сценарист и писател, Коле Ангеловски.  Текстот е продолжение на претходниот „Три во едно“, а се работи за три различни приказни. Дејството се случува во театар, а работата почнува десет дена пред премиера.  На почетокот се проби, се измислуваат сцени, а сценографијата не е готова. Епилогот е вистинска премиера, и затоа насловот на текстот е „Премиера во сабота“.  Инаку во претставата се вклучени 17 актери од прилепскиот театарски ансамбл.

– Играм режисер во претставата која што не изгледа дека е една подготовка, и прилично имам слобода во оваа улога, затоа што многу сцени од тие се импровизирани и често се менуваат во зависност од тоа што се случува на сцената и од просторот и сето тоа. Мислам дека за мене беше многу интересно и да се работи со Коле секогаш повторувам дека тој е режисер кој му дава многу слобода на актерот да се изрази онака како што тој се чувствува и тоа секогаш ние го цениме и ни е задоволство да играме и да бидеме дел од оваа престава-нагласи Владимир Ѓорѓиевски, актер.

Актерите истакнаа дека секогаш со задоволство настапуваат пред кумановската публика и на фестивалот „Денови на комедија“, кој од година в година е се побогат и поквалитен.

-Не сме за прв пат во Куманово, скоро секоја година освен лани немаме гостувано тука на Денови на комедија. Секогаш е фантастична атмосферата да се игра пред кумановската публика и се надевам дека многу добро се забавуваа. Претставата е многу лесна и смешна мислам ние се смешни, но се забавувавме скоро два часа. Искрено ни е чест, да играме пред кумановци, имаме некоја хемија-изјави Зоран Ивановски, актер.

– Заедно играме скоро во сите претстави, не ни е прв пат секоја година гостуваме во Куманово супер е тука, публиката влегува на претстава знаејќи дека е комедија, така што од почеток имаме предност, не мора да рушиме никаков ѕид така што супер си поминуваме тука во Куманово-наведе  Димитар Ѓорѓиевски, актер.

Вечерва, кумановци ќе имаат можност да ја видат претставата „Лулка“ на театарот „Ацо Шопов“ од Штип.  Режијата е на Андреј Цветановски, а претставата е според мотиви на народното творештво.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)