Изградбата на канализација во Тромеѓа најрано наредната година

Изградбата на канализациона мрежа во Тромеѓа може да се случи најрано на почетокот на 2019-та година, истакна на денешната седница на Советот на Општина Куманово, првиот човек на градот, Максим Димитриевски, одговарајќи на советничко прашање. Имено советникот Ненад Ѓорѓевиќ го праша градоначалникот на Куманово, дали се планира изградба на водоводна и канализацизиона мрежа во руралните средини, но и до каде е постапката со Тромеѓа.

-Првото прашање се однесува директно до градоначалникот дали имате конктретни информации кога ќе почнат работите на фекалната канализација во Тромеѓа и дали постои некоја кочница зошто не се во тек работите, бидејќи доаѓа есен и ќе биде тешко на условите да се работи-праша советникот.

Градоначалникот на Куманово објасни дека проектот кој што бил изготвен од општината, а прифатен од Министерството за транспорт и врски цели осум години стоел во фиока. Со доаѓањето на новата власт, проектот поминал ревизија, но бидејќи се работи за странски средства било неопходно министерството да избере консултанска куќа за повторна проверка на проектот и спроведување на тендерската постапка.

-Во моментот сме информирани дека се работи на проектот првично добивме ветување дека до крајот на септември ќе отпочне со реализација но поради нереализација на самата тендерска постапка која што е меѓународна се уште се нема склучено. Јас лично очекувам дека истиот проект ќе отпочне со реализација дури на почетокот на следната година и ќе бидам презадоволен како менаџер на овој град доколку тоа се случи, бидејќи со овој проект ќе се реши фекалната канализација и целосната подземна инфраструктура во село Тромеѓа кое е едно од најголемите села во нашата општина-истакна Димитриевски.

Што се однесува до водоводната и фекалната канализација во руралните средини, Димитриевски посочи дека на ниво на општината само 15 проценти е решена атмосферската канализација и скромен процент на решена фекална канализација. Нагласи дека за споредба само три села се приклучени на водоводниот систем за водостанбдување во градот.

-Тоа е една реална слика што е Куманово и на какво комунално ниво и кој степен на изграденост е а Куманово важи за еден од поразвиените градови или општини во Македонија, па сега можеме и да направиме една анализа на каков степен на комунално ниво сме развиени како држава, многу треба да се инвестира на овој план. Имаме порачано да се изработат поголем број на инфраструктурни проекти за решавање на фекалната канализација, почнувајќи од главниот колектор кој треба да ги конектира селото Четирце и Табановце со паралелен проект за изградба на секундарна канализациона мрежа. Прстенот на селата Умин дол, Ново село, Љубодраг, Режановце, Лопате, Железничка станица и уште голем број на други проекти кои ќе бидат изработени во текот на оваа и следната година –нагласи градоначалникот.

Градоначалникот посочи дека со истите проекти ќе аплицираат за финансиски средства од Европската унија.

 

Коментари

коментар(и)