Излетничките места се подготвуваат за Први Мај

Во тек се последните подготовки на уредување на излетничките места каде ќе заминат граѓаните за претстојните првомајски празници. Во спортско – рекреативниот центар Пелинце со кој стопанисува ЈП „Чистота и зеленило“, исчистени се просторот за кампување и рекрација, исто како и парковите и зеленилото по течението на реката Пчиња. Направени се нови патеки за шетачите и реновиран е детскиот парк, но ресторанот нема да работи поради технички проблеми.Во состав на центарот е и меморијалниот музеј АСНОМ кој за Први Мај ќе биде отворен со кустос, кој ќе им биде на располагање на посетителите.

-Музејот на АСНОМ за Први Мај ќе биде отворен од девет до седумнаесет часот, а ќе има и кустос кој ќе ги спроведе посетителите- вели Марија Живачки, кустос во Националната установа Музеј Куманово.

И просторот околу бањата во селото Стрновац, се чисти од песокот и тињата од поплавите кои го зафатија овој регион. Надлежните го санираат и поголемиот базен за кој велат дека до утре ќе биде во функција. Угостителите од рестораните во близина на бањата ги подготвуваат мениата и ги поставуваат масите и столовите. За утре најавуваат жива музика за да ги привлечат излетниците.

-Мојот тим го подготвува теренот околу бањата а  за утре се очекува да биде спремен и вториот базен – вели Борко Соколовиќ, директор на ЈКП „Козјак“

Први мај е неработен ден, а во надеж дека и времето ќе послужи, се очекуваат поголем број излетници да ги посетат излетничките места во околината на градот. Надлежните апелираат посетителите да ги напуштат местата така како што ги затекле, без смет и уништување на постоечките објекти.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)