Изложба на Агрон Салиу во „Центарот за култура“

Во Центарот за култура вчеравечер беше отворена изложбата на портрети на младиот сликар Агрон Салиу кој што по втор пат се претставува пред кумановската публика. Изложбата е составена од петнаесетина портрети кои што авторот ги има изработено во претходните неколку години, а целиот циклус претставува дел од неговата постојана работа уште од раното детство кога Салиу преку нив навлегува во светот на ликовната уметност. Портретите се работени во техника јаглен, а големо влијание врз неговото дело покрај професорите од кои го учи занаетот имаат современите портретисти, како и модернистите меѓу кои и Амадео Модиглијани. Од големо значење за неговата кариера се изложбите во европските градови каде што добива позитивни критики. Авторот посочи дека постојано работи на портрети и дека ова се само дел од оние кои што ги има во својата колекција.

-Јас, поточно целата моја кариера е поврзана со портретот. Ова е дванаесета самостојна изложба во моја кариера, а нешто сум имал неколку и надвор од земјата

-Мојот циклусот има и персоналитет, инаку цртежите се во мал број затоа што толку беа можностите. Имам доста портрети, но во Куманово изложени се петнаесет, вели Агрон Салиу, сликар

Салиу посочува дека неговите портрети се експресивни и асоцијативни, но сепак ликовите кои што се претставени припаѓаат од овие простори и искажуваат приказни и емоции кои се дел од современото постоење. Авторот е познат по женските портрети, но на изложбата која што беше отворена вчера беа преставени и машки. Салиу истакна дека преку овие портрети може да се толкува и атмосферата која што секојдневно ја преживува гледајќи ги лицата на луѓето кои што живеат во Македонија, но сепак не работи со позери, туку со комбинација од карактеристики на одредени луѓе.

-Пораката е луѓе со едно лице. Луѓе што секој пат сакаат истото да го доживуваат искреноста тагата, љубовта. Тука покажав многу психологија, тага, напнатост кај луѓето, сето она што се случува општо во Македонија

-Од циклусот на цртежот го изложувам моето секојдневие, она што секое утро го сликам на моите портрети, вели Агрон Салиу, сликар

Од Центарот за култура истакнаа дека младиот автор Салиу со втората изложба во Куманово ги потврдува своите квалитети како сликар. Салиу покрај тоа што е одличен цртач, на ликовите на портретите ги претставува и карактеристиките кои што откриваат димензии на одредени емоции.

-За самиот автор можеме да кажаме дека е извонреден цртач, човек кој навлегол во тајните на портретот. Покрај тоа што може да ги погоди цртите на лицето на објектите кои ги слика, на лицата, на луѓето успева на некој начин да навлезе и во нивната психолошка состојба и да даде едно свое видување на самите ликови односно да ги интерпретира на негов посебен начин, вели Робер Цветковски, Центар за култура „Трајко Прокопиев“

Салиу е академски сликар кој што дипломирал на Тетовскиот Универзитет на Факултетот за ликовна уметност – отсек сликарство во класата на професор Илириан Бекири. Во својата кариера има самостојни изложби во Скопје, Куманово, Кичево, во родното Тетово, како и во градовите надвор од Македонија, Париз, Берлин, Виена, Сараево и Загреб. Изложбата ќе биде поставена до дваесет и први јули.

 

 

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)