Интензивно се отстрануваат непрописно паркираните возила

Интензивно се отстрануваат непрописно паркираните возила во градот. Екипата на телевизија Плус денеска на терен увиде дека акцијата нулта толеранција која ја спроведува јавното претпријатие Куманово Паркинг на иницијатива на Општина Куманово, дава позитивни резултати. Слободни тротоари е сликата која што може да се види кај Градскиот пазар, булеварот Трета МУБ, но и на други локации. Во моментов на терен работат две возила на паркинг службата. Кумановци ја поздравуваат акцијата и се надеваат дека ќе се промени свеста кај возачите и дека ќе почнат прописно да ги паркираат автомобилите на места предвидени за паркинг.

-За поздравување е акцијата, навистина е убаво кога слободно можеме да се движиме по тротоарите, но треба да се размислува и за возачите и на нив треба да им се обезбедат паркинг места-вели една кумановка.

Надлежните информираа дека и во иднина активно ќе се собираат автомобилите кои што го попречуваат движењето на пешаците и се надвор од местата предвидени за паркинг. Тие се надеваат дека на овој начин ќе се придонесе кон решавање на проблемот.  Во Куманово претходно на терен работеше само едно пајак возило, но од неодамна општината позајми уште едно возило од Град Скопје.

Што се однесува за проблемот со недостаток на паркинг места, наскоро ќе започне и поставување на монтажни катни гаражи на три локации во градот. Едната е зад поранешната КИП Банка или популарно место „Берза“, втората локација е зад трговски центар „Сума“ и третата зад станбено деловниот комплекс Серава, каде постои уреден паркинг кој е во сопственост на општината и може да се направи изградба на урбана опрема која може да се користи за обезбедување на дополителни паркинг места. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски неодамна упати и апел до граѓаните да ги пријавуваат возачите кои непрописно ги паркираат своите автомобили, се со цел да сфатат дека не треба да се узурпираат тротоарите.

 

 

Коментари

коментар(и)