Информативно катче во Старо Нагоричане

Во Општина Старо Нагоричане денеска беше отворено информативно катче  за зголемување на свеста на локалното население за нивното вклучување во процесот на изготвување на буџетот на општинско ниво. Отвoрањето на ова катче е во рамки на активноста „Мои пари, моја одговорност: Партиципативно буџетирање во општините“ спроведувана од мрежата на граѓански организации ФИСКАСТ, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

На отворањето на информативното катче освен претставници на мрежата ФИСКАСТ , не присуствуваа претставници на Општина Старо Нагоричане , иако активноста се случуваше во дворот на локалната самоуправа, ниту пак имаше заинтересирани граѓани да дискутираат за начините за нивно вклучување во креирањето на локалниот буџет.

Координаторот на проектот од граѓанската организација Игри , Јорданчо Миневски, кој воедно е и претставник на мрежата ФИСКАСТ,  истакна дека учеството на граѓаните во процесот на изготвување на буџетот на нивната општина е од важно значење за креирање буџет согласно потребите на локалната заедница.

 -Целта на ова информативно катче е токму тоа, да ги запознае жителите на Старо Нагоричане  со можностите за нивно учество во овој процес и да ги информира граѓаните за поврзаноста помеѓу трошењето на буџетските средства и квалитетот на живот во нивната општина, изјави Јорданчо Миневски, претставник на мрежата ФИСКАСТ

Освен во Старо Нагоричане, информативни катчиња денеска се отворени уште во десет општини со што се опфатени сите региони во земјава, посочи Миневски. Инаку, предвидено беше денеска информативно катче да се отвори и во Општина Куманово, но вчера попладне активноста беше откажана.

Проектот на УСАИД за граѓанско учество преку тригодишна соработка ја поддржа мрежата на граѓански организации ФИСКАСТ во процесот на подобрување на праксата и учеството на локалните засегнати страни во процесот на локално буџетирање и зголемување на ефикасноста на трошењето на општинските пари.

Коментари

коментар(и)