Истрели од огнено оружје ги разбудија кумановци

Звук од истрели од огнено оружје и утринава ги разбуди кумановци. Според кажувањата на граѓаните, првите истрели се слушнале околу 6 часот утринава во близина на липковскиот регион, а истите траеле до 07:30 часот. Македонските медиуми и портали првично објавија дека станува збор за антитерористичка акција и дека се работи на сузбивање на напаѓачката група.

Сеќавањето од вооружената престрелка на 9-ти и 10-ти мај, како и неизвесноста за моменталните случувања, ги вознемирија кумановци, па поради тоа сакаа да дознаат за што навистина се работи.

Во обид да добиеме повеќе информации за случувањата во липковскиот регион, екипата на телевизија Плус, утринава, неколку пати се обиде да стапи во контакт со портпаролот на МВР Иво Котевски, но безуспешно. Дури четири часа откако пукотниците се смирија, успејавме телефонски да го добиеме Котевски, кој рече дека нема никаква информација дека во тој регион имало истрели од огнено оружје и дека во полицијата нема пријавено таков случај.

Од неофицијални извори дознаваме дека започнува ловџиската сезона на птици. Имено, освен македонските, гостувале ловџии од соседните држави. Граѓаните реагираат на ваквите случувања, повикувајќи се на стравот од настаните од 9ти и 10ти мај  и апелираат до институциите на системот навремено да го известат населението за ваквите вознемирувачки настани.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)