Како да се препознаат корисниците на дрога?

16 годишно момче  е најмладиот регистриран нарко -зависник во полицијата минатата година. Дека уличните дроги земаат замав говорат податоците од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје кој заедно со Отсекот за превенција презема превентивни мерки преку низа активности. Во рамките на проектот „Спорт да, дрога не “ деновиве се организираат трибини во средните и основните училишта и на наставниците им се посочува како да препознаат уживател на опојна дрога и како да постапат или да побараат помош доколку кај ученикот најдат некое наркотично средство. Целта е да се заштитат малолетните лица, велат надлежните.

-Класните раководители по одржување на трибината ќе имаат можност со своите ученици на класен час да разговараат  или во секоја друга прилика кога ќе имаат можност да им укажат на штетните последици и на тоа колку е битно да се разговара со децата да се отргнат од ваквите пороци, а се со цел да имаме здрава младина која што ќе има соодветна иднина и здрав живот, изјави Виолета Богдановска, раководител на Отсек за превенција

Средношколците се повозрасни ученици кои што се склони кон разни видови на пороци. Наставниците се обидуваат да се справат со тие проблеми, но сепак немаат некое големо искуство, вели директорката на земјоделското училиште.

-Нашето училиште е секогаш отворено за соработка особено со СВР Куманово, но и за сите оние кои што со свој ангажман придонесуваат да се разрешат било какви конфликти во нашето училиште. Ова е во рамки на проектот кој неколку години наназад го спроведуваме со СВР Куманово, изјави Весна Трајковска, директор на СОУ „Киро Бурназ“

Според податоците од полицијата,  марихуаната е најзастапена улична дрога на нашето подрачје.  Таа е најзлоупотребувана минатата година бидејќи многу лесно се произведува и е поевтина од останатите опојни дроги. Еден џоинт на црниот нарко- пазар може да се купи за само 100 денари, информира Владимир Петрушевски, раководител на Отсекот за недозволена трговија со оружје и дрога. Инаку, после марихуаната, на територијата на Куманово по злоупотребата следуваат екстази, амфетамин, хероин и кокаин.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)