Католиците од Куманово го празнуваат Божиќ

Католичките верници од Куманово, кои се водат според Грегоријанскиот календар, денеска во капелата Свети Иван Крстител, која се наоѓа во близина на Старата црква, го прославија Христосовото раѓање, Божиќ. Традиционално како и секоја година присуствуваа на миса, на која се помолија за здравје, љубов и благосостојба. Претседателот на хрватската заедница во Куманово, Иван Шеркиниќ истакна дека денот кога се слави раѓањето на Христос е еден од најголемите празници во христијанството. Тој раскажа дека за Бадник 24-ти декември, е задолжителна посна трпеза, тогаш се кити елка и се даруваат подароци.

-Нешто што е карактеристично кај католици за Божиќ е тоа што во секој дом каде што има можност се поставува т.н јаслици тоа е илустрација на местото каде е роден Исус, може да се види во катедралите, се прави илустрација на место каде се гледаат Исус, мајка му, се прави од фигури, може и од други материјали, гипс, се посипува слама, се илустрира пештера и слично-нагласи тој.

Останатите верници истакнаа дека Божиќ е празник на семејството, при што луѓето се исполнуваат со добра мисла, добрина и благослов.

-За нас значи многу радост, Исус се родил на овој ден,се помоливме за здравје, среќа за сите…со семејството, најблиски, се практикуваат слатки, баници и слично-изјави еден верник.

Во Куманово се уште нема католичка црква, па затоа верниците празниците ги одржуваат во капелата Свети Иван Крстител. Тие се надеваат дека наскоро, како што е ветено, ќе добијат свој верски храм, кој е планирано да се изгради во населбата Гоце Делчев. Освен католиците, денеска Божиќ го слават и протестантите и Англиканската црква, како и некои православни цркви, кои го имаат прифатено Грегоријанскиот календер.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)