КК Куманово: Згрозени сме од одлуката на МКФ

Данило Мијатовиќ и официјално е ослободен од обрските кои ги имаше со договорот со КК Куманово, откако вчера Македонската кошаркарска федерација донесе одлука за арбитража на српскиот интернационалец.

Мијатовиќ сега може да ја реализира шансата да се врати повторно во дресот на МЗТ Скопје Аеродром, а се очекува уште денес да го потпише својот договор. Но, остра реакција пристигна од управата на КК Куманово по повод одлуката на МКФ да се раскине договорот со клубот.

Во соопштението стои:

Со оваа одлука МКФ и нејзините органи уште еднаш по кој знае кој пат покажуваат дека своите одлуки не ги носат врз основа на позитивни законски прописи и акти на МКФ (кои самите ги имаат донесено), туку врз основа на лични интереси на поединци и одредени клубови. Со оваа директно е нанесена штета на КК Куманово, по отпочнување на натпреварите од Супер лигата, како и пред одигрување на натпреварите од полуфиналето на BIBL лигата.

МКФ и нејзините органи наместо да ги бранат интересите на македонските клубови кои се нејзини членки, тие застануваат во одбрана на непринципиелни барања на странски играчи,против чие играње наводно МКФ целиот изминат период лажно се бори.

Со оваа соопштение КК Куманово сака да ја запознае целокупната македонска јавност дека оваа одлука е само почеток на безаконието кое можеме да очекуваме дека ќе продолжи, со оглед на фактот што преодниор рок за играчите е завршен на 10.03.2017г, самата одлука е донесена на 14.03.2017г.,додека играчот Данило Мијатовиќ веќе беше во составот на екипата на КК Куманово, во натпреварот од првото коло на Супер лигата против екипата на КК Кожув,кој се одигра на 11.03.2017г., што значи дека истиот повеќе ниту може да биде регистриран,ниту може да настапува за некој друг клуб во Македонија до крајот на оваа натпреварувачка сезона.

КК Куманово најавува дека во законски рок од три дена од денот на приемот на одлуката, ќе поднесе жалба до арбитражата на МКФ и воедно ќе поднесе тужба против МКФ и регистрациската комисија при МКФ ДО СПОРТСКИОТ АРБИТРАЖЕН СУД  при Македонскиот олимписки комитет,од причина што одлуката е целосно неправилна и незаконита и ваков случај не се памети во историјата на мекедонскиот спорт.

Уште еднаш апелираме до МКФ да ја преиспита оваа своја одлука и конечно да почне да ја врши својата основна задача, а тоа е заштита на интересите на клубовите кои се нејзини членки.

Ослободувањето на Мијатовиќ ќе значи голем удар за ростерот на тренерот Марјан Србиновски, кој видно ослабнат без најдобриот кошаркар, треба да се бори за пласман меѓу најдобрите четири екипи во Супер лигата, но и во полуфинале од БИБЛ лигата.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)