КК Куманово изгуби од МЗТ Скопје во третиот финален дуел

Кошаркарскиот клуб Куманово вчеравечер изгуби од МЗТ Скопје во третиот финален дуел на гостувањето во арената Јане Сандански со резултат 91 – 73. МЗТ Скопје дојде до првата победа на домашен терен од финалните дуели, по онаа изненадувачка победа во Куманово, со што се враќа очекуваната ситуација пред почетокот на финалето кога спортската јавност претпоставуваше дека ниту еден од тимовите нема да си дозволи пораз пред своја публика. Гостинската екипа во текот на целиот меч се обидуваше да го повтори успешниот настап во арената Јане Сандански во првиот финален дуел, кога тимот славенички се врати во Куманово, но МЗТ Скопје на вчерашниот меч беше потполно поинаква екипа за разлика од тој натпревар. До крајот, на Куманово му останува да обезбеди победа на следниот меч пред своја публика што ќе му овозможи на тимот да остане во игра и преку петтиот натпревар да се обиде да дојде до својата прва титула во клупската историја.

Големата разлика од 18 поени не го отсликува реалниот биланс на силите и играта на вчерашниот меч, туку се должи на серијата на поени на домаќинот во последните неколку минути кога екипата на Куманово имаше пад во играта. Играчите одиграа квалитетен натпревар, така што и на двете страни имаше поединци кои ги покажаа своите квалитети и приредија возбудлив и интересен натпревар. Куманово во неколку наврати се доближуваше резултатски до МЗТ Скопје и имаше шанси да дојде до водство, но токму во тие моменти тимот не успеа да погоди од неколкуте обиди за три поени и да одигра цврсто во одбраната да ги спречи играчите на домашниот тим да поентираат. Двете екипи ги играа своите препознатливи стилови на игра.

Куманово имаше проблеми во одбраната каде што брзите играчи на МЗТ Скопје во неколку наврати со влезови под кошот во дуелите еден на еден доаѓаа до лесни поени. Тренерот Марјан Србиновски на ваквите влезови реагираше со пуштање во игра на брзите играчи од клупата, но тогаш екипата губеше на висина и тимот имаше проблем со играта под кошевите. Куманово повторно имаше проблеми со бројот на личните грешки кај одредени играчи. Посебен хендикеп за тимот беше тоа што еден од клучните играчи, крилниот центар Бојан Трајковски мораше да биде надвор од игра во голем дел од второто полувреме. Неиграњето на Трајковски поради заканата од лични грешки се одрази на неговиот личен учинок, но и на целокупната игра на Куманово. Од друга страна МЗТ Скопје ја играше својата препознатлива игра и повеќето од играчите одиграа на високо ниво, но исто така шутерите кои немаа висока реализација во претходните два натпревари се вратија во ритам.

Во однос на вкупната статистика за разлика од претходните мечеви Куманово има послаб учинок од МЗТ Скопје. Домашниот тим имаше поголем процент на постигнати поени од поле, од линијата за слободни фрлања, скоро двојно повеќе погодоци за три поени од ист број на обиди, повеќе скокови, асистенции и блокади. Куманово имаше поголем број на украдени топки.

Најдобар играч на натпреварот беше крилото на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски кој постигна 19 поени и 7 скокови. Од МЗТ Скопје одлична партија имаше и крилниот центар Данило Мијатовиќ кој постигна 18 поени и 15 скокови. Од редовите на Куманово најдобар беше капитенот Александар Костовски кој постигна 17 поени и 4 скокови.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)