КК Куманово се избори за финале

Кошаркарскиот клуб Куманово се избори за финале остварувајќи победа на петтиот натпревар од полуфиналните дуели против Карпош Соколи на гостински терен со резултат 84 – 73. Тимот во финалето ќе игра против минатогодишниот противник МЗТ Скопје, така што во историјата на македонската кошарка по осамостојувањето четврти пат, исти екипи една година по друга ќе се борат за трофејот. Куманово ќе го игра своето трето финале во клубската историја. Прв пат клубот играше во сезоната 2001/2 против Фершпед Работнички, во времето кога сегашниот тренер Марјан Србиновски ги бранеше боите на Куманово како играч. Ова финале е голема можност тимот да се реваншира за минатогодишниот пораз, да ја прекине доминацијата на МЗТ Скопје кој што четири пати по ред е државен првак, но и да дојде до првиот трофеј во клубската историја.

Во однос на вчерашниот меч Куманово заслужено победи поради тоа што покажа стабилна и поквалитетна игра од Карпош Соколи и имаше доминација во текот на целиот меч. Тимот поведе уште од самиот почеток и во текот на целиот натпревар држеше резултатска дистанца од десетина поени кои му овозможија сигурност во играта. Карпош Соколи на два пати се доближи на само еден поен разлика во второто полувреме, но екипата не покажа решителност да го сврти резултатот во своја корист. Од друга страна клучните играчи на Куманово со прецизни шутеви за три поени во моментите кога беше најпотребно го враќаа тимот во поголема резултатска предност и овозможија мирна завршница. При крајот на натпреварот Куманово мораше да игра во одбрана без фаули поради тоа што Вукашин Мандиќ го исполни бонусот, а Ненад Мишановиќ, Бојан Трајковски и Александар Костовски играа со четири лични грешки.

Во однос на четвртините Куманово ја имаше вообичаената ефикасност. Првата ја доби постигнувајќи 31 поен, по што следуваше пад во играта и реализацијата во втората се преполови, така што тимот постигна 16 поени. Покрај тоа што ја изгуби втората четвртина Куманово во второ полувреме влезе со предност од 6 поени разлика, 47 – 41. Во третата четвртина и двата тима постигнаа по 12 поени, а последната ја доби Куманово со резултат 25 – 20.

Во однос на вкупната статистика Карпош Соколи беше подобар од Куманово под кошевите, но во другите аспекти на играта гостите имаа далеку подобар учинок. Куманово имаше поголем процент на погодени шутеви од поле, три пати повеќе уфрлени топки за три поени, но имаше полоша реализација од линија за слободни фрлања. Најдобар играч на натпреварот беше капитенот на Куманово, плејмејкерот Костовски со 21 поен, 4 скокови и 8 асистенции. Од тимот добра партија имаа крилниот центар Трајковски со 16 поени, 7 скокови, 2 блокади и 2 украдени топки, бекот Марко Симоновски со 14 поени и центарот Мишановиќ со 11 поени, 8 скокови и 2 блокади. Од домашната екипа најдобар беше бекот Филип Шепа кој постигна 17 поени. Исто така добра партија имаше и крилниот центар, Александар Петровиќ кој постигна 14 поени и 8 скокови.

Финалните дуели според распоредот на Македонската кошаркарска федерација би требало да започнат утре, но се уште нема информација дали е прифатено барањето да се одложат за некој ден. Куманово во последните 20 дена има одиграно 8 натпревари, така што доколку се одложат, играчите поодморни би влегле во финалните натпревари.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)