КК Куманово убедливо против АВ Охрид

Кошаркарите на Куманово вечерва на гостински терен го совладаа составот на АВ Охрид во рамките на 3. коло од домашниот шампионат со резултат 67:94.

Извонредната прва четвртина на Куманово му донесе огромна предност пред домаќинот кој имаше мака да направи пресврт во резултатот. Со 32:8 завршија првите десет минути од средбата во „Билјанини извори“.

Во втората четвртина избраниците на тренерот Александар Петровиќ се опуштија и дозволија Охрид да уфрли повеќе кошеви, но сепак не доволно да излезат од длабоката негатива во која влегоа. На полувреме се замина со резултат 32:48.

По паузата во вториот дел од средбата кумановци повторно дозволија противникот да ги надигра со два поени во третиот квартал од средбата, меѓутоа и натаму го задржуваше константното водство во резултатот.

Во последната четвртина доследноста на играта на кошаркарите на Куманово им донесе уште повисока предност, па тренерот Петровиќ одлучи шанса да им пружи и на младинците во својот состав, кои исто така прикажаа дека можат да му парираат на домаќинот Охрид.

Со конечни 67:94 Куманово оствари трета победа сезонава.

Кај победникот Филип Думиќ триумфираше со 21 поен, а со по 11 поени мечот заврши за Филип Стојановски и Бранислав Ѓекиќ.

Кај домаќинот со 14 поени најефикасен беше Младеновиќ, а со поен помалку и Миладиновиќ.

И по третото коло Куманово останува на втората позиција во табелата, со ист број на бодови како Работнички и Блокотехна.

Следниот меч кошаркарите на Куманово го играат на домашен терен против составот на Работнички.

Коментари

коментар(и)