„ Козјак “ го одбележа Светскиот ден на планината

Со повеќе активности, здружението на планинари Козјак по 15-ти пат  го одбележа Светскиот ден на планината – 11 декември. Освен предавање и показна вежба на прва помош во планина, вчеравечер во Занаетчискиот дом беше презентирана и личната планинарска опрема , а потоа и прогласени најдобрите клупски планинари за 2018-та година.

Целта на овој собир на планинарите и на граѓаните е да покажеме опрема која ни е потребна за во планина и да ги презентираме нашите акции, нашите доживувања во планината. Посебно сакам да ја нагласам нашата активност кон младите деца кон средношколците и основците бидејќи имаме школа за планинари. Ние сме единствени во Македонија благодарение на секретарот на друштвото Мартин Величковски кој се ангажира посебно со нив, така што мислам дека сме многу успешни во тоа. Ние како планинарско друштво секоја година правиме годишна програма, од поважните редовни активности се искачување на Кораб, Олимп, Мусала и нашите локални активности. Ние имаме и наш меморијал Појак Калман , наша лична акција, каде што доаѓаат планинари од повеќе друштва од Македонија, изјави Владо Лазаревски, претседател на ПД „Козјак“

Планинарското друштво „Козјак“  постои од 1984-та година и е едно од најактивните друштва во Македонија. Повеќе од 1000 граѓани од различна возраст досега членувале во Козјак, а во моментов активни се шеесетина. Друштвото располага со два планинарски дома во селото Длабочица. Караулата и  училиштето во козјачкото село се приспособени за престој и отворени за сите граѓани кои што сакаат да ги посетат, велат од здружението.

Инаку, 11 декември е прогласен за Светски ден на планината во 2003-та година од Генералното собрание на Обединетите нации.
Неговото одбележување секоја година е проследено е со голем број активности, пред сè, во поглед на организирање планинарски тури и доделување плакати и признанија за врвни достигнувања во планинарските спортови.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)