„Коледари“ со литија за празникот Свети Никола

Чуварите на традицијата, здружението на граѓани „ Коледари“ за празникот Свети Никола ќе организира литија на плоштадот пред центарот за култура. Манифестацијата е на иницијатива на младите коледари од Куманово, кои што се надеваат дека активноста која првпат се организира годинава во чест на заштитникот на градот ќе стане традиционална.

– Ќе направиме еден настан во градот со кој ќе се одбележи Свети Никола и да му дадеме почест и да ги инволвираме граѓаните во нашата иницијатива, малку да го развеселиме градот и денот да биде поубав. Како и секогаш дружба за граѓаните , како што велат повозрасните, никогаш не е на одмет , сакаме граѓаните да ги сплотиме, сепак ние живееме тука и мислам дека како и секоја година како за Божиќ ќе наидеме на топла подршка од граѓаните и ќе биде убаво и весело, изјави Марко Спасовски, секретар на ЗГ „Коледари“

Еден од основачите, но и од највозрасните членови на здружението Коледари, Киро Соларски посочува дека идејата која што тие ја имале пред повеќе години, конечно благодарение на подмладокот на „Коледари “ ќе биде реализирана. Тој се надева на масовна поддршка од своите сограѓани.

-Јас како еден од оснивачите и еден од најстарите членови на здружението на граѓани Коледари сум воодушевен и ги поздравувам младите коледари кои што смогнаа сили да го одбележат Свети Никола , тоа е впрочем и слава на градот Куманово со една литија што е многу убава работа и мислам дека ќе ги воодушеви и сите граѓани на градот Куманово. Ваквата идеја ние постарите ја имавме и порано, меѓутоа не дојде до реализиција, а сега благодарение на младите коледари ќе успееме да ја реализираме оваа манифестација со благослов на Владиката Јосиф и со свештенството и мислам дека на достоен начин ќе го одбележиме овој верски празник, изјави Киро Соларски, ЗГ „Коледари“

Во среда неделава , верниците кои што ќе се приклучат на свечената литија во 12.30 часот  ќе тргнат од дворот на црквата Свети Никола кон плоштадот кај центарот за култура „Трајко Прокопиев“  каде што ќе продолжи прославата во чест на празникот Свети Никола.

Здружението кое што постои речиси две децении има петстотини активни членови, а над 3.500 поддржувачи на нивните активности.

 

Коментари

коментар(и)