Комисијата за односи меѓу заедниците со трибина за создавање интеркултурна општина

„Надминување на паралелниот мултикултурализам и создавање на интеркултурна општина во насока на промоција на општествените вредности и важности од соживот“ е насловот на денешната трибина која што ја организираше Комисијата за односи меѓу заедниците на Советот на Општина Куманово. На оваа тема во салата на поранешен Комитет,  дискутираа претставници на комисијата, општината, советот, експерти и ученици.

Претседателката на комисијата, Татјана Крстевска информираше дека ова е првата активност во рамки на програмата, која предвидува делувања во поглед на културата, јазиците, но пред се едукација на младите за соживот во градот.

-Комисијата брои 14 члена изгласани од Советот и за оваа година предвидовме малку поразлична програма во однос на минатата, таа беше во одбележување на традиционални празници, на нашите етнички заедници, шест во градот. Оваа година донесовме одлука како комисија да ја вклучиме и хрватската заедница. Тие имаат право да присуствуваат и да соработуваат, да даваат идеи, но бидејќи по Уставот не влегуваат како заедница, ние најдовме решение и начин да ги приклучиме. Како комисија сме овластени да даваме свои предлози и сугестии на седниците на Советот исто така ќе работиме со група на млади, а во активностите ќе се земе во предвид и традицијата, нематеријалното културно богатството, ќе имаме активности каде ќе ги прикажеме нашите обичаи, традиција, преку храна, култура-посочи таа.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски нагласи дека општината дава целосна поддршка на работењето на оваа комисија, која како што рече во минатото дала значаен придонес. Тој потсети на работењето на комисијата во 2015-та, кога таа делуваше активно на терен. 

-Куманово е Македонија во мало, како што знаете, мултиетничка средина, оваа комисија не е формирана сега, постои функционира во рамки на локалната самоуправа подолг период и првенствено нејзината намена е да разговара на различни теми кои што ги обединуваат сите етнички заедници во нашата општина, една од главните работи која што ја врши во самата комисија се претставени сите етнички заедници, а има можност и да се вклучат и нови членови од претставници од други етнички заедници кои не се застапени согласно законот и упатувам апел до организациите на етничките заедници да предложат свои членови и истата досега работеше на разгледување на програмата за културни манифестации во градот, каде секоја од малите етнички заедници ги застапуваше своите ставови. И секако кога имаме отворени теми помеѓу различните етнички заедници се вклучува по потреба ја поздравувам активноста на оваа комисија, работата во неа е целосно волонтерска, не се плаќа никаков надоместок и се базираат на финансиска поддршка од невладини организации и друг тип на донатори кои инвестираат за соживотот во нашиот град-нагласи тој.

И претседателката на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска се согласи дека комисија дава значаен придонес за соживотот во градот, градење на подобри врски и концептот, едно општество за сите.

-Токму и темата на денешната трибина која ја организира комисија за односи меѓу заедниците ја покажува мисијата, визијата на оваа комисија, а е впрочем и на Советот на општината дека е попусто ние да се залагаме декларативно за соживот, заеднички проекти, ако тоа се два паралелни света кои многу ретко се среќаваат, кои можеби имаат допирна точка само на одредени празници и формални допирни точки, а не реален соживот и реална интеркултурна општина, во која ќе градиме заеднички вредности. Во денешното време сите се грижиме за секој наш граѓанин, независно како се вика, каква религија практикува, од која етничка заедница доаѓа, сите бараме подобри услови за живот на нашите деца, поквалитетно образование, инфраструктура, просперитет и развој-истакна таа.

Мургашанска посочи дека само градејќи ги овие заеднички вредности а во исто време и подобро запознавајќи се, рушејќи ги предрасудите, негувајќи ги културата, традицијата и заедничките традиционални вредности, ќе се изгради заедничко мултикултурно општество.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)