„Компаратив“ – нова емисија на српски јазик

„Компаратив“ е насловот на двонеделниот магазин на српски јазик, кој од сабота ќе започне да се емитува на телевизија Плус. Емисијата е дел од проектот „Jавно информирање на припадници на српската заедница во земјите во регионот“, кој го доби медиумот од Министерството за култура и информации на Република Србија.  Во магазинот кој ќе се емитува секоја втора недела, ќе бидат пренесени сите информации кои се однесуваат на српската заедница во Куманово и Македонија, но ќе бидат застапени и  новини од секојдневниот живот.

-И Србите како и Македонците и Албанците ги делат истите проблеми. Сето тоа е важно што ќе се емитува на српски јазик, без превод и со тоа мислам дека ќе постигнеме Србите кои живеат во Куманово и околината да бидат повеќе заинтересирани за тие информации, верувам дека на секој народ поблиску му се оние информации кои му се презентираат на мајчиниот јазик.  Исто така ќе ги поттикнеме што повеќе да го користат својот мајчин јазик како јавните личности, политичарите така и обичните луѓе кои се припадници на српската заедница-изјави директорот на ТВ Плус, Драган Ивановски.

Емисијата ќе може да ја следат сите Срби кои живеат во државата, но и околината, бидејќи ТВ Плус емитува 24 часовна програма на интернет. Покрај тоа на веб сајтот ќе биде поставена рубрика „Компаратив“, во која ќе бидат објавени сите прилози кои ќе се емитуваат, но и други информации поврзани со српската заедница. Инаку ТВ Плус уште на самиот почеток од формирањето,  доби дозвола за работа и емитување на програма на српски јазик и на тој начин стана прв медиум во државата кој има право и можност да прикажува ваква оригинална програма без превод.

-Ние досега во соработка со некои наши пријателски телевизии од Србија добивавме емисии кои се поприлично квалитетни,  ги емитувавме и се емитуваат се уште на нашата програма, меѓутоа главниот проблем во тој сегмент е тоа што тие емисии се однесуваат на Србите кои живеат во својата матична држава или пак во други држави во околината или во светот.  Ние сме во редовна комуникација исто така и со српската амбасада во Република Македонија можам да кажам дека сум презадоволен од контактот што го имаме и воопшто начинот на кој соработуваме. Тие беа радосни поради тоа што ние имаме можност да емитуваме програма на српски јазик и секако се трудат многу сегмети да ни помогнат со информациите кои што вредат за Србите кои живеат тука-додаде тој.

Проектот финансиски е подржан од Министерството за култура и инфорамции на Република Србија, но во истиот учествува и  Телевизија Плус, која одвои половина од потребните средства. Магазинот е планирано да трае до крајот на декември, но Ивановски се надева дека емисијата ќе предизвика интерес кај граѓаните, и ќе стане бренд на телевизијата.

 

 

 

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)