Во Големата сала во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ утревечер, во 20 часот концерт ќе одржи Македонската филхармонија. На програмата ќе се најдат Гавота од Бах, Словенски танц од Дворжак, Валс на цвеќињата од Чајковски, Адаџо за кларинет и гудачи од Вагнер во придружба на солистот Здравко Ангелов, како и Балетска музика од Фауст на Гуно, Нимрод од Енигма варијации на Елгар и Пајдушко на Сони Петровски.
Концертот кој ќе го води дирегентот Бојан Цанев се реализира со поддршка на Министерството за култура.
Инаку Македонската филхармонија е основана на 24 ноември 1944 година и од тогаш до денес останува единствен постојан репрезент на симфониското творештво на македонската концертна сцена. За време на повеќе децениското постоење, Македонската Филхармонија е еден од главните носители на музичкиот живот во земјата и амбасадор на македонската уметност во светот, а игра громна улога во афирмирањето на македонските репродуктивни уметници, диригенти и промовирањето на современото македонско музичко творештво во земјата и странство.
Покрај редовните концертни настапи во земјата, Македонската Филхармонија има остварено гостувања во земјите на Јужна Америка, Белгија, Холандија, Швајцарија, Шпанија, Полска, поранешниот СССР, Романија, Бугарија, Турција, Италија, Србија, Црна Гора. Со оркестарот диригирале голем број на странски и домашни диригенти и настапиле реномирани вокални и инструментaлни солисти.