Концерт „Руски сон“ на Дарко Тодоровски

„Руски сон“ е насловен концертот на оперскиот пејач Дарко Тодоровски, кој ќе се одржи утревечер во Центарот за култура, со почеток во 20 часот. Концертот е по повод одбележување на 500 годишнината од постоењето на Куманово.

По повод 500 годишнината од постоењето на градот утревечер во Центарот за култура солистички концерт насловен „Руски сон“, ќе одржи оперскиот пејач, Дарко Тодоровски. Тој ќе настапи со пијано придружба на Анастасија Грговска. На програмата ќе се најдат дела на руските великани.

– Јас одбрав да биде руска музика во програмата, затоа што тоа непосредно е поврзано со мене, како човек кој веќе 4-та година живее, студира, работи во Русија, мислам дека е нешто што мене ме одбележува, а имам забележано дека на нашиот народ му одговара таквата музика и дека секогаш одговараат многу позитивно на новостите што ги носам од Москва, концертите, настапите, интервјуата на кои што раскажувам секогаш за моите настапи, во Москва и не само таму, секаде каде што одам се обидувам да ја претставам руската музика,а покрај тоа и македонската музика-вели тој.

Тодоровски посочи дека концертот ќе биде во рецитална форма, при што ќе започне со покласичен репертоар, па класични и салонски современи романси, а ќе заврши со последниот жанр на руската романса. .

– На крајот ќе завршам со нешто кое е многу специфично и интересно и никој го нема пеено кај нас, тоа се последниот жанр на руската романса која веќе преминува во популарна песна и таа музика може да се слушне насекаде низ улиците на Москва, трговските центри, плоштадите-дополни тој.

Инаку Тодоровски штотуку се вратил од Италија каде што одржал три оперски претстави, светска премиера на корејската опера Шим чунг и еден концерт, кој поминал многу успешно. Тој упати апел до кумановци, да дојдат утревечер во Центарот за култура и заеднички да уживаат во прекрасните текстови на руските поети. Концертот започнува во 20 часот, а влезот ќе биде слободен.

Коментари

коментар(и)