„Крепост“ додели пакетчиња за децата со посебни потреби

Хуманитарната организација „Крепост“ денеска додели новогодишни пакетчиња за учениците со посебни потреби во училиштето „Браќа Миладиновци“.  Ова е втора акција на организацијата по повод новогодишните празници, првата се одржа во село Бајловце. Во посебните паралелки во основното училиште Браќа Миладиновци се образуваат 55 деца од прво до деветто одделние.

-Во денешната акција израдувавме 50-ина деца, нивните насмевки измамија и кај секој од нас пријатно задоволство, ова е четврта година како ги посетуваме и мислам дека Крепост оваа традиција ќе ја продолжи и понатаму. Децата беа навистина изненадени, тука е и Дедо мраз, испеаа песнички по повод новогодишните празници-истакна Христијан Георгиевски, претседател на „Крепост“

Од училиштето посочија дека Крепост традиционално веќе четврта година по ред, донира новогодишни пакетчиња за овие деца.

-Многу сме задоволни од акцијата, би сакала да се заблагодарам на хуманитарната организација Крепост за оваа акција, откако постои организацијата донира кај нас, децата се задоволни, среќни-истакна Даниела Ѓорѓевиќ, наставник ОУ „Браќа Миладиновци“.

Од Крепост посочија дека и во наредниот период ќе продолжат со хуманитарната мисија. На 3-ти јануари е планирано да се одржи хуманитарен концерт на неколку бендови со аукција на уметнички фотографии во The Yard lounge bar, а веќе за 6-ти е закажана бадниковата трпеза, која ќе се одржи во соработка со Македонската православна црква. Околу 40 социјално загрозени семејства ќе добијат традиционални бадникови јадења.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)