КУД „Панче Пешев“ слави 90 години постоење

Културно-уметничкото друштво „Панче Пешев“ од Куманово ќе одбележи 90 години од своето постоење со богата програма која ќе започне во четврток, а ќе трае три дена.

Денес на прес конференција беше претставена целокупната програма која ќе се реализира со финансиска поддршка на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово, како и Министерството за култура.

Градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски истакна дека ова е голем јубилеј достоен за почит и затоа локалната самоуправа во својата програма ги има предвидено средствата за одбележување на овој јубилеј.

Ако ги исклучиме професионалното „Танец“ кое е национално, меѓу културните друшва во Република Македонија, таков јубилеј, таква традиција, активност мислам дека на нашите простори и пошироко не постои и затоа мислам дека локалната самоуправа со задоволство ги поддржува овие активности. Мислам дека тежината на самиот настан зборува и за вклученоста на сите луѓе кои се активни во политичкиот живот во Куманово, негувањето на фолклорната традиција е едно од основните моменти на запазувањето на традицијата, етно вредностите на една нација, на еден етникум и тоа е многу битен елемент за продолжување на традицијата, обичаите и она што се вика идентитет на еден народ – изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Општина Куманово.

Програмата за одбележување на манифестацијата започнува во четврток кога во 18 часот неколку фолклорни ансамбли ќе имаат дефиле низ улиците и плоштадот во градот, а половина час подоцна ќе следува и отварање на етно изложба за 90 години активност на КУД „Панче Пешев“. Вечерта ќе биде затворена со фолклорен настап на ансамблите „Варна“ од Бугарија, „Шумадија“ од Горњи Милановац, фолклорниот ансамбл „Битола“, „Етнос“ од Скопје и домаќините од КУД „Панче Пешев“.

Втората вечер, односно преку ден ќе имаме мал прием на одредени гости кои ќе бидат присутни на оваа наша манифестација кај градоначалникот во Општина Куманово, а вечерта со почеток во 18 часот ќе биде отворена, односно промовирана монографија која е направена за 90 години на КУД „Панче Пешев“, но со посебен белег или осврт на последните 10 години преку награди, признанија и фотографии. После отварање и промоција на книгата, една битна манифестација е свечената академија на која ќе има обраќање на претседателот на друштвото, одборот за одбележување и покровителот односно градоначалникот на Општина Куманово. Потоа ќе биде изведена пократка културна уметничка програма која ќе трае околу еден час со точки на гости од Србија и Бугарија, КУД „Панче Пешев“, зурли и тапани, младите уметници Ивона и Мартинијан – вели Мирослав Крстевски, претседател на КУД „Панче Пешев“.

Манифестацијата ќе заврши во сабота кога во 11 часот во комплексот „Грација“ ќе биде отворен Етно клуб на „Панче Пешев“, по што ќе следува доделување на дипломи, благодарници и признанија на учесниците, помагателите и соработниците на друштвото.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)