Куманово го победи МЗТ Скопје

Кошаркарите на Куманово најавија возбудлива и неизвесна сезона, откако синоќа на домашен терен го победија актуелниот шампион, МЗТ Скопје, со резултат од 74:72 поени.  Домаќините играа одлично во текот на натпреварот и имаа предност дури од 12 поени, но сепак на крајот следуваше неизвесна завршница. Но големата желба и зрелост кај играчите и неверојатната поддршка од навивачката група Кумани и останатите верни фанови, беа пресудни за крајниот резултат. Со ова тимот на Љубисав Луковиќ покажаа дека располагаат со квалитет, еднаков како и на македонскиот претставник во АБА лигата. Тренерот истакна дека е задоволен што ја искористија неверојатна енергија која што ја овозможи преполната сала, како и играта на кошаркарите.

-Почеток е на превенството, постојат уште технички слабости кои не се препознатливи за оваа екипа. Ќе работиме силно, максимално, секако дека играчите треба да го понесат теретот, нивна е победата заедно со навивачите коишто дојдоа вечерва. Се надевам дека ќе имаме уште вакви натпревари со МЗТ штотуку започна првенството, би замолил за трепение за сите нас, ќе работиме напорно-наведе тој.

На оваа средба најмногу се истакна Урош Луковиќ кој постигна извонреден дабл-дабл учинок од 24 поени и 15 скокови, Мандиќ реализираше 13 поени, Караџовски 11, а Бјелиќ и Костовски постигнаа по осум поени. Од МЗТ Скопје најпрецизни беа Ѓорѓе Дреновац со 15, и Душко Буниќ со 14 поени. Според статистиката најлош дел од играта на кумановци беше шутот за три поени, кој од 17 обиди заврши со само две постигнати тројки, но тоа не беше пресудно за да не го совладаат големиот ривал. Во третото коло од Првата лига кошаркарите на Куманово на гостински терен ќе ги измерат силите со екипата на Карпош Соколи од Скопје.

-Многу квалитетна екипа од Скопје, опасна од сите позиции, со одличен тренер, нема да биде лесно, но кажав на почетокот на првенството Куманово е екипа која секој натпревар оди на победа, почитувајќи го противникот, неговиот став, енергија, но нашата мора да биде поголема од нив, и мора да одиме на победа-додаде тој.

Екипата на Куманово во недела ја очекува натпревар против турски Телеком, во рамки на ФИБА Евро куп. Тренерот истакна дека се зборува за квалитетен противник, но нагласи дека кошаркарите на Куманово ќе дадат се од себе за да извојуваат победа и на овој натпревар.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)