(ВИДЕО)Куманово го празнува Денот на народното востание

Македонија денеска го празнува 11 Октомври – Денот на народното востание, 80 години од почетокот на Народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава.

На 12 октомври 1941-та година од Менкова колиба тргнал Карадачкиот партизански одред во борба против фашизмот, а истиот ден во областа Студена вода бил формиран и кумановскиот Козјачки одред. При првите судири со фашистите овие партизански одреди биле разбиени.

Токму на местото каде што лежат коските на речиси 500 борци и 8 народни херои од Куманово, на Спомен -костурницата денеска на свеченото одбележување на празникот градоначалникот Максим Димитриевски испрати неколку пораки за зачувување на историјата на македонскиот народ.

„Денес од кога било порано е важно да ги знаеме нашите корени, нашите битки, нашата историја, затоа што таа историја е корен на нашиот идентитет“, рече во своето обраќање пред присутните Димитриевски.

– Народот е тој што го носи идентитетот и никој, ама баш никој, не смее да си игра со тоа прашање. А ако некој сака да избрише дека сме се бореле против бугарскиот фашистички окупатор, тој тогаш историјата или не ја смета за своја, или има некаков друг проблем. Да не бидам погрешно сфатен, јас немам против ниту еден народ негативни чувства. Но имам проблем кога некој се обидува да не претстави како дел од друга нација и друга историја. Јас имам проблем со бришењето на зборот бугарски од спомен плочите, бидејќи моето семејство, нашите семејства се бореле против тој окупатор. Јас имам проблем бидејќи никој од Бугарија досега не се извинил за злоделата што ги направиле во Македонија, по примерот на Германија и нивните канцелари Брант и Меркел, туку се обидуваат да ги избришат од историјата. Е па тоа не може да се случи! Не смееме да дозволиме тоа да се случи! Заради нашите предци, заради нашите поколенија, рече Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово

„Се боревме за демократија и за неа мора да се бориме и понатаму, бидејќи тоа им го должиме на нашите предци“, дополни Димитриевски.

-Како да сме изгубени помеѓу лукративните зделки и националните интереси. А кога ќе ги споите зборовите зделка и национален интерес, во едно резултатот ќе биде поразителен за сите нас. Затоа сега повеќе од кога било сме пред патоказ кој пат ќе го одбереме, оној каде иднината носи сигурност, или оној каде иднината носи реприза од минатото. Сега од кога било порано е важно да се сплотиме и да покажеме отпор, бидејќи немаме време за чекање. Поминаа многу години, нештата не се менуваат на подобро, си одат младите луѓе од државата затоа што немаат перспектива.  Немаме време да чекаме да дојдат подобри времиња. Мора нив да ги создадеме. А ќе ги создадеме само ако заеднички се бориме против неправдата, рече Димитриевски.

Со полагање на цвеќе на споменикот на паднатите борци, бројни делегации  оддадоа почит на загинатите во НОВ, претставници на кабинетот на претседателот на државата, делегација од Владата предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претставници на Собранието, АРМ, Сојузот на борците, локалната самоуправа, политички партии, образовни институции, граѓански здруженија.

 

Коментари

коментар(и)