Куманово го пречекува Гостивар, Караџовски заминува

Кошаркарите на Куманово со мечот против Гостивар утре на домашен терен ќе го завршат последното 22. коло до домашниот шампионат.

Двата тима ќе се борат за четвртото место на табелата, иако веќе и двете екипи имаат сигурен пласман во плеј оф завршницата од сезоната каде ќе се најдат првите шест рангирани по одиграните 22 натпревари.

Натпреварот започнува во 19 часот во Спортската сала Куманово.

Екипата на Куманово моментално е на петтата позиција, додека на четвртата со ист број бодови се наоѓа токму Гостивар. Пред нив со еден поен им бега составот на МЗТ Скопје Аеродром. Кумановци досега имаат одиграно вкупно 21 натпревар, односно 14 победи и 7 порази.

Во меѓувреме се погласни се пишувањата на спортските портали дека македонскиот репрезентативец  Димитар Караџовски утре ќе го одигра својот последен меч во дресот на Куманово, по што својот ангажман го продолжува во составот на Работничките.

Тоа ќе значи дека во плеј оф завршницата од сезоната која започнува по утрешното коло, тренерот Александар Петровиќ ќе има на располагање еден кошаркар помалку, еден од најдобрите во тимот.

Караџовски и минатата сезона бил во преговори со скопскиот тим, меѓутоа на крајот се договорил со Куманово каде игра веќе неколку сезони, а минатата година со своите соиграчи освоија сребро во БИБЛ лигата.

Актуелнава сезона Караџовски од 20 одиграни натпревари за Куманово бележи реализација од 14,4 поени во просек, 5,6 асистенции и 3,8 скока.

Коментари

коментар(и)