Куманово несреќно изгуби од Фени Индустри

Кошаркарскиот клуб Куманово во дерби натпреварот од 23то коло на гостувањето во Кавадарци против Фени Индустри изгуби со три поени разлика 86 – 83. Долгогодишните ривали го изиграа мечот кој беше директна борба за третата позиција. Фени Индустри со четвртата победата по ред се искачи на третото место и израмни во бројот на победи против Куманово оваа сезона. Тимот на Куманово имаше голем хендикеп во однос на висината и ја изгуби борбата под кошевите, но исто така и во однос на реализација клучните играчи потфрлија . Двата тима во клучните моменти играа слично, имаа многу неуспешни обиди од игра и за три поени, но Фени Индустри имаше повеќе расположени играчи со што го сврте резултатот во своја корист.

Најдобар играч на натпреварот беше крилниот центар на Фени Индустри, Миладин Пековиќ кој имаше 19 поени и 14 скокови. Плеј мејкерот Јане Петровски од тимот постигна 21 поен, а Кирил Николовски имаше 19 поени и 9 скокови. Од тимот на Куманово најдобар беше капитенот Александар Костовски кој постигна 18 поени и 10 асистенции, а воедно имаше и 4 украдени топки. Добра партија имаше и Бојан Трајковски кој постигна 18 поени. Во однос на вкупната статистика Куманово имаше  повеќе асистенции, беше подобар од линијата за слободни фрлања и имаше поголем број на украдени топки, но Фени беше подобар во шутевите за три поени, имаше поголем број на поени од поле и повеќе скокови.

Во однос на четвртините и двата тима добија по две. Куманово поведе во првата четвртина и како речиси на секој натпревар успеа да постигне голем број на поени вкупно 27, од друга страна Фени не се предаваше и покажа дека сериозно влегува во мечот со што четвртината ја заврши со 24 поени. Куманово немаше шутеви од поле и повторно играчите форсираа шут за три поени. Од 9 обиди тимот погоди само три пати, но затоа центрите кои се вратија во тимот Игор Бјелиќ и Ненад Мишановиќ, заедно со Трајковски и Костовски реализираа под кошот. Од тимот на Фени во првата четвртина погодија 4 пати од 7 обиди за три поени, но исто така имаа и одлична реализација под кошот.

Во втората четвртина Куманово вообичаено постигна најмалку поени од сите четвртини, вкупно 16. Речиси целата втора полусезона тимот има проблеми во играта во втората четвртина. Фени со слична игра од првата четвртина дојде до 27 поени, а Куманово реализира само неколку од многуте обиди.

Во второто полувреме Фени влезе со осум поени предност 51 – 43. Во третата четвртина Куманово продолжи со лошата реализација, особено во обидите за три поени каде што од 7 обиди играчите погодија само еднаш. Сепак тимот успеа да ја добие со 22 – 15.

Последната четвртина беше најнеизвесна. Куманово дури имаше и водство, но играта остана иста. Двата тима имаа голем број на нереализирани обиди од сите позиции. Мечот се кршеше под кошевите каде што тимот на Фени беше доминантен.

Во останатите мечеви од 23то коло Работнички го совлада Бест 90 – 88, МЗТ Скопје сигурно го победи тимот на Струмица 79 – 66, а Карпош Соколи го декласираше Кожув на домашен терен 104 – 74.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)