Куманово оствари важна победа против КК Карпош Соколи

Кошаркарскиот клуб Куманово оствари важна победа на домашен терен против второ пласираниот тим на табелата Карпош Соколи 94 – 88 со што остана во трката за втората позиција на табелата. Во поголемиот дел од натпреварот резултатот беше неизвесен, но Куманово играше дисциплинирано во одбраната со што не му дозволи на Карпош Соколи да го загрози водството на тимот. Покрај добрата игра во одбраната екипата имаше задоволителен учинок и во другите сегменти на играта. Четириесет и осум проценти постигнати поени од поле, триесет и седум за три поени и седумдесет и три од линијата за слободни фрлања беа доволни Куманово да ја оствари шеснаесетата победа  во лигата. Во вкупната статистика Куманово имаше дваесет и осум скокови, а тимот на Карпош Соколи четириесет, но затоа имаше дваесет и една асистенција за разлика од гостинскиот тим кој имаше четиринаесет. Тренерот на КК Куманово, Марјан Србиновски ја истакна важноста на овој натпревар и најави жестока борба до крајот на првенството.  

Секако дека е важна победата. Психолошки тежок натпревар. По оној пораз од Фени на таков начин, најдовме сили. Играчите покажаа карактер дека можеме да се вратиме после такви порази. Најважно е што победивме, имаше доста работи што функционираат и што не функционираат, но имаме уште четири чекори, ова е првиот чекор, ако сакаме да направиме нешто за второ место немаме право на кикс затоа овој натпревар психолошки беше многу тежок, вели Марјан Србиновски, тренер на КК Куманово

Најдобар играч на натпреварот беше Бојан Трајковски кој постигна дабл дабл учинок со 26 поени и 11 скокови со што беше најдобар стрелец и скокач на натпреварот. Најдобар асистент беше Димитар Караџовски со 8 асистенции исто така од редовите на Куманово. Најдобар играч од редовите на Карпош Соколи беше Дарко Соколов кој имаше 18 поени и 4 скокови.

Пред почетокот на натпреварот знаевме дека ќе биде тежок затоа што КК Куманово мораше да го победи за да остане во трка за тоа второ место. Тежок терен, се трудевме да играме добро во одбраната, но еве не го испочитувавме договореното во соблекувалната со нашиот тренер, примивме доста отворени шутеви за три поени и мислам дека тоа беше клучот за победата на КК Куманово, вели Дарко Соколов, плеј мејкер на КК Карпош Соколи

Во редовите на Куманово, освен најдобрите поединци одлична партија имаа  Вукашин Мандиќ кој постигна 13 поени, 4 скокови и 4 асистенции и Марко Симоновски кој постигна 13 поени и две асистенции. Во играта на Куманово сите играчи покажаа желба за победа. Тренерот Србиновски истакна дека сите играчи кои ги има тимот мора да го дадат својот максимум.

Секој играч ни е потребен. Влегуваме во напорен ритам каде што секој играч ни е добредојден. Вуле знае да игра кошарка требаше малку време да се прилагоди на мој начин на игра. Мислам дека полека влегува во ритам, вели Марјан Србиновски, тренер на КК Куманово

Во останатите натпревари од 24то коло МЗТ Скопје го победи Работнички 81 – 71, Кожув убедливо го совлада тимот на Струмица 87 – 57, а Фени Индустри очекувано оствари победа против Бест 81 – 63.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)