Куманово утре му гостува на МЗТ Скопје во дерби натпреварот од 20то коло

Кошаркарскиот клуб Куманово утре со почеток од 20: 00 часот во арената „Јане Сандански“, ќе се сретне со МЗТ Скопје, во дерби натпреварот од 20то коло. Мечот МЗТ Скопје – Куманово е последниот натпревар од 20то коло каде што ќе се одмерат силите на долгогодишните ривали. Утрешниот натпревар е прв меѓусебен дуел на двата тима во втората полусезона, а воедно и најтешкото гостување на Куманово. Тимот имаше тридневен подготвителен период за време на викендот, да ја подготви тактиката и да ги консолидира редовите. Дополнителни потешкотии за тимот се кадровските промени и новата ситуација на табелата.

Во меѓусебните дуели оваа сезона и двата тима излегоа како победници на по еден натпревар. Куманово победи во мечот од второто коло со минимална предност од два поени разлика 74 – 72 и тоа беше првата победа на тимот сезонава. На тој натпревар на тренерските позиции се наоѓаа Љубисав Луковиќ како тренер на Куманово и Алеш Пипан на МЗТ Скопје. Најдобриот поединец на мечот беше Урош Луковиќ за Куманово кој утре ќе го одигра првиот натпревар против својот поранешен клуб. Луковиќ тогаш постигна дабл дабл учинок со 24 поени и 15 скокови, што е едно од најдобрите остварувања на некој играч во лигата оваа сезона.

Во вториот дуел Куманово доживеа дебакл на гостувањето во Јане Сандански 92  – 68. Двата тима се сретнаа по промените на тренерските позиции, Страшо Тодоровиќ го замени Луковиќ, а Александар Јончевски го наследи Пипан. Во меѓувреме Урош Луковиќ го напушти Куманово така што на тој натпревар Куманово остана без главниот реализатор.

Во пресрет на гостувањето Куманово повторно се соочува со кадровски промени. Жарко Ракочевиќ го напушти клубот, а повратникот Игор Бијелиќ не може да игра поради повреда, така што тренерот на Куманово, Марјан Србиновски ќе мора да комбинира на центартската позиција со Бојан Трајковски и Марјан Јаневски. Останатите играчи се подготвени за натпреварот и немаат здравствени проблеми.

Во однос на играта плеј мејкерот Александар Костовски во изјавата по мечот со Кожув посочи дека проблемот околу форсирањето на шутот за три поени е навика од поранешниот тренер Тодоровиќ. Покрај заминувањето на Ракочевиќ и проблемите на центарската позиција се очекува поголем придонес на играчите од другите позиции. Се очекува бекот Марко Симоновски поактивно да биде вклучен во играта од нападот со сигурни поени од помали дистанци до кошот.

Во екипата на МЗТ која што го декласираше Кожув 74 – 48 во претходниот меч се очекува најголемата опасност од крилата Ѓорѓе Дреновац и Дамјан Стојановски. Под кошот неприкосновениот Луковиќ како во нападот, така и во одбраната ќе им задава големи проблеми на Трајковски и Јаневски.

Во одиграните натпревари од 20то коло во сабота, Работнички го победи тимот на Струмица 85 – 61. Вчера Кожув го победи Бест на гостински терен 76 – 65, а Фени Индустри го победи тимот на Карпош Соколи 88 – 76 на домашен терен. Со победата над Карпош Соколи, Фени Индустри го пристигна Куманово и во дуелот со МЗТ тимот ќе влезе како четврто пласиран во лигата.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)