„Кумановски акцијаши“ ќе изградат парк во Бедиње

Здружението за волонтерска работа, „Кумановски акцијаши“, ќе го уредува дворното место пред нивното седиште во населба Бедиње. Имено, зелената површина, којашто се наоѓа пред нивните простории, зафаќа простор од 350 метри квадратни. Од здружението планираат на овој простор да изградат парк, којшто ќе им служи за одмор и рекреација на сите граѓани кои тука поминуваат. Инаку здружението брои вкупно 100 членови кои во групи ќе работат при уредување на просторот.

-Со оглед дека сите сме во работен однос и работиме во приватен сектор, ќе работиме секој ден во 17 часот во групи од по 8 членови. Морам да кажам дека наш редовен соработник е Ј.П. „Чистота и Зеленило“. Алатот е нивен, така што секогаш кога имаме потреба од алатот, ние го земаме, изјави претседателот на „Кумановски акцијаши“, Јусуф Љатифи.

Секретарот на здружението, Ѕвонко Величковски изјави дека паркот ќе биде на таква локација што ќе им служи најмногу на жителите од населба Бедиње, кои нема да мораат да одат далеку од нивната населба за да седнат и да одморат.

-Мене ми е задоволство да бидам тука, бидејќи тука е прекрасната црква па луѓето кога имаат собранија, за празник или било ког, секогаш се добредојдени во овој дел на градот, во нивната месна заедница да си седнат да си направат муабет, младите тука треба да се дружат, да не одат каде не треба, вели Величковски

Од здружението ги повикаа сите граѓани коишто се во можност да дојдат и да помогнат при уредување на паркот, за да може што поскоро да го добие предвидениот изглед. Оттаму велат дека освен овој проект, за во иднина имаат предвидено уште неколку, а стојат на располагање за работа и уредување на останатите делови во градот.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)