Кумановци аплицираат за субвенции

Околу 40 проценти од вкупниот број евидентирани земјоделци во кумановскиот регион поднеле барање за субвенции во подрачното министерство за земјоделство. Дел од кумановци со поплаки дека и годинава нема подобрувања во однос на ажурноста на службите и најмалку по два пати доаѓаат да поднесат барање. Велат, формуларите наместо бесплатно да ги добиваат од надлежното министерство- ги купуваат, а некои земјоделски производители самоиницијативно плаќаат и за потполнување на барањата, од 50 до 100 денари за образец.

-Пред два дена бев, не завршив работа, ми кажаа системот паднал, сега ми велат да чекам попладне, редови се чекаат, формуларите се продаваат по 10 денари во трафики наместо да ги даваат и да ги пополнуваат во Агенцијата за развој на земјоделство, ги купуваш формуларите по 10 денари, па потоа ги копираш, за пополнување има луѓе пред подрачното одделение за земјоделство кои земаат по 100 денари од човек, изјави Раде Младеновски од с. Доброшане

-Не сум ги земал парите за субвенции уште од ланската година, за оваа година чекам втор ден за поднесување барање, формуларот ми го потполни едно момче за 50 денари. 50 денари не се многу, секој земјоделец може да издвои толку, оваа година втор ден чекам ,а ланската шест дена чекав. Тие што имаат пријатели влегуваат преку ред, а ние што не познаваме никого, чекаме, изјави Селами Идризи од с. Ропаљце

Некои од луѓето што чекаа да влезат во подрачното министерство, со предлог до надлежните како да се надмине метежот пред зградата во периодот кога се аплицира за субвенции.

– Субвенции даваат, но многу е малтретирање овде, ако може подрачното министерство за земјоделство бидејќи има толку многу вработени кои може да ги распределат по села, а не сите земјоделци да се собираат пред одделението. Малку споро оди, но ја вршат работата. Единствено можат нивни луѓе да однесат во села или месни заедници и таму да ги вршат работите, за да не се создава метеж во градот. Потполнети се, сам ги потполнив, некои наплаќаат, но јас немам такво искуство да давам да ми наплаќаат. Формулари има во трафика, се купуваат по 10 денари, во канцелариите нема, изјави Славе Серафимовски од с. Новосељане

Апликантите најчесто од неинформираност плаќаат за потполнување на обрасците иако тоа може да го сторат без пари во Агенцијата за поттикнување на земјоделството.

-Ќе апелирам до сите апликанти што се евидентирани кај нас во Фарм-регистарот за потполнување на обрасците, барање за техничка помош да се обраќаат во Агенцијата за поттикнување на рурален развој кај одговорните и компетентните луѓе, советници за потполнување и за понатамошни совети околу аплицирањето, да не бидат манипулирани од страна на икс луѓе надвор од институцијата, изјави Насер Даути, раководител на подрачно министерство за земјоделство, Куманово

Искуствата говорат дека кумановските земјоделски производители најчесто аплицираат за житни култури, а потоа следуваат градинарските, лозовите насади и сточарството. Поднесувањето барања за субвенции ќе трае до крајот на месецов. Надлежните се надеваат дека до предвидениот рок, програмата за аплицирање за 2015-та година ќе биде реализирана речиси 100 проценти.

Од надлежното министерство информираат дека сите производители на кравјо и овчо млеко за првите 4 месеци од годинава можат да поднесуваат барања за произведено и продадено млеко во млекарниците до 15-ти јуни.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)