Кумановци: Да се реши проблемот со паркинг простор

Сообраќајниот хаос е секојдневна слика во централното градско подрачје. Возилата се оставаат на пешачки премини, коловозни ленти, па и на тротоарите. Иако во градот има определено дури 480 места за паркирање,  голем дел од нив се празни, бидејќи возачите не сакаат да плаќаат 35 денари за час, па практикуваат со вклучени трепкачи да ги остават автомобилите на недозволени места и на тој начин да го блокираат сообраќајот и да го попречат движењето на пешаците.

Ова особено може да се забележи кај Зелениот пазар, каде што постојано има зголемена фреквенција на возила, па доаѓа до застој на сообраќајот. Граѓаните повикуваат доколку е потребно да се определат нови паркинг места или пак да се изградат катни гаражи. Тие апелираат до градските власти да направат максимални напори и да им обезбедат проточност и безбедно одвивање на сообраќајот низ улиците.

На последната седница на Советот на Општина Куманово, градоначалникот Зоран Дамјановски истакна дека иако има определени паркинг места, истите не се искористени. Додаде дека размислуваат со промена на детални планови, пред Центарот за култура и спроти Поштата, да се изградат две катни гаражи и на тој начин да се реши овој проблем. Нагласи дека се работи за енормно скапи проекти, кои можеби нема да ги дадат посакуваните финансиски ефекти, а општината во моментов нема фискален капацитет да го реши тој проблем.

Дамјановски се надева дека во наредниот период со определени санкции, но и со стекнување навики ќе се реши проблемот со несоодветно однесување во сообраќајот.

 

 

 

 

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)