Кумановци си ги запоставуваат животите поради „Големиот брат“

Зголемениот интерес за активно следење на реалните телевизиски програми како „Големиот брат“, „Фарма“ или „Парови“, произлегува од желбата на одредена група луѓе да го контролира или осудува однесувањето на нивни сограѓани, оценуваат експертите. Според социологот Зоран Петрушевски, станува збор за контролна функција која ја поседуваат луѓето и којашто претставува важен начин за опстанокот на општеството.

– Нормално дека живеејќи заедно со погледот сме упатени едни кон другите. Во сферата на воспитувањето, пак, родителите кога ги учат децата се повикуваат на тоа дека треба да обрнат внимание на овие или оние добри примери, а да ги избегнуваат лошите. Ако веќе општеството функционира на ваков начин, овдека се работи за една мајсторски смислена, јас би рекол, комерцијална злоупотреба на овие нормални општествени појави, вели тој.

Петрушевски посочи дека станува збор за добросмислен начин на медиумските сопственици да го привлечат вниманието на гледачите со тоа што ќе им пласираат програма која ја задоволува нивната потреба за осудување на туѓите постапки, а преку тоа, на лесен начин, да дојдат до заработка и промоција на својот медиум.

-Учесниниците се посебно интересни за граѓанството. Некои имиња кои се од сферата на естрадата, кои животот си го посветиле да привлечат публика. Не се сите учесници во вакви програми, но навистина има луѓе кои за пари се спремни да ја продадат душата на ѓаволот, па сега кога веќе имаме вакви луѓе, кога имаме ваква општествена ситуација за која предмалку кажав, имаме комерцијализирани телевизиски куќи до максимум, сосема е нормално и очекувано дека ќе имаат успех, нагласи Петрушевски

Граѓаните на Куманово го делат мислењето со Петрушевски и сметаат дека ваквите шоу програми, со нивната интригантна содржина, само ги оттргнуваат од нивните секојдневни обврски, а со тоа што ги следат животите на учесниците, ги зпоставуваат своите. Главната причина поради која сите граѓани, барем еднаш погледнале некое од реалните програми е учеството на кумановскиот атлетичар Дарко Петковски во шоу-то „Големиот брат“ со цел да го проследат неговото однесување и да дадат поддршка.

-Не, јас не сакам воопшто да ги гледам, но сега знам дека влезе кумановецот Дарко, па можеби ќе погледнам, симпатичен дечко е, вели анкетирана граѓанка.

-Ги гледаме како се караат и ние се нервираме, не знам ни јас зошто ги гледаме, ама ете, ги гледаме и покрај тоа што знаеме дека се глупости, додава друг граѓанин.

Петрушевски потврди дека можеби една од главните причини за големата заинтересираност кај кумановци е токму тоа што нивен сограѓанин е еден од учесниците на овие програми. Тој додава дека наскоро ќе помине трендот на реални шоу програми, а медиумските куќи ќе смислат друг начин за привлекување на гледачи. Дотогаш,  ваквите програми остануваат актуелни, а граѓаните имаат право да ги следат доколку тоа им претставува задоволство.

Коментари

коментар(и)