Кумановци ќе го искористат продолжениот викенд за Илинден

Кумановци ќе го искористат продолжениот викенд за Втори август и ќе заминат во соседните градови или држави. Голем дел од граѓаните, велат дека Илинден ќе го прослават надвор од Република Македонија, други пак со своите пријатели ќе одат на излет, а дел од повозрасните граѓани, празникот ќе го поминат во домашна атмосфера. Како најголема причина за нивната одлука да останат дома за Втори август го наведуваат топлото време и препораката од докторите да не излегуваат од своите домови во пладневните часови доколку немаат неодложна работа.

-Ќе заминеме со друштвото во околината на Крива Паланка, како и секоја година. Топлото време на мене не ми пречи, издржлива сум, вели анкетирана граѓанка

-Јас ќе заминам во Грција, споен викенд е, да го искористам убавото време и да одам на плажа, вели друг граѓанин.

Поради влошената економска состојба и секојдневните проблеми на граѓаните, во градот воопшто и да не се чувствува претпразнична атмосфера, а повозрасните кумановци раскажуваа за тоа како Илинден се прославувал пред десетина години, кога во поголеми групи се собирале и оделе во околните излетнички места да го одбележат големиот државен празник.

-Тоа порано што беше сега може само да го сонуваме, тоа никогаш нема да се врати, вели една од анкетираните граѓанки.

-Се собиравме со друштвото и одевме на река, правевме скара, секој колку може да купи ќе купеше и ќе седевме по цел ден и ќе се забавувавме, сега тоа го нема повеќе, изјави анкетиран граѓанин.

Од туристичките агенции во градот велат дека постојат најразлични понуди за сите државни празници, а годинава, споениот викенд за Илинден, граѓаните сакаат да го искористат така што ќе отпатуваат некаде.

– Како и за секој празник во Република Македонија, имаме понуди и за овој празник, претежно за Грција и нормално за планина во Бугарија: Банско, Боровец, Сандански, во бањите во Србија, има заинтересирано за секаков вид туризам, изјави Мери Миновска, сопственик на Мерион травел.

Од агнецијата додаваат дека имаат и тридневни аранжмани со организиран превоз по повод празникот, но тие се ограничени, поради тоа што туристичката сезона се одвива во полн ек, па поради поволноста на понудите, кумановци најчесто заминуваат на одмор од пет до десет дена.

– Може да се најде хотелско сместување за три до четири дена зависно од побарувачката. Има голем одзив за сместување, луѓето сакаат да го искористат празникот и да се одморат некаде, додава Миновска.

Освен понудите за странство, во агенциите може да се најдат и билети за музичките концерти во Охрид по повод Илинден.

Лекарите уште еднаш упатија апел до кумановци да внимаваат на алкохолот и мрсната храна за време на празникот, а на граѓаните кои планираат да заминат на излет, им препорачаа да не поминуваат долги часови изложени на топлото летно сонце.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)