ЛДП: Кумановци имаат право да знаат каков воздух дишат

Недопустливо е во период кога Македонија се наоѓа на врвот на светските листи по загаденост, во Куманово како најголема локална самоуправа  да не функционира мерната станица, истакнаа од Либерално демократската партија. Според портпаролот на ЛДП, Филип Јаневиќ неработењето на  станицата е пример за игнорантскиот однос на владата кон градот.

-Праксата од другите градови покажува дека во зимскиот период интензитетот на загадување на воздухот е уште поголем. Денеска во Куманово има над 30.000 регистрирани патнички моторни возила и голем дел од домаќинствата заради скапата електрична енергија се загреваат на дрва. Граѓаните и граѓаните на Куманово имаат право да знаат каков квалитет на воздух секојдневно вдишуваат-наведе Јаневиќ.

Тој потсети дека мерните станици поставени низ градовите во Македонија, вклучувајќи го и Куманово во период од 2003 до 2006 година, се од време кога министер за животна средина беше сегашниот потпретседател на ЛДП, Зоран Шапуриќ.

-Иако како ЛДП уште минатата година реагиравме за овој проблем Министерството за животна средина и просторно планирање секоја година го дава истиот одговор, дека е распишан тендер за набавка на резервни делови. Таков одговор добивме минатата година, исто како и предминатите…После 10 години владеење оваа Влада на ДПМНЕ се покажа до таа мера неспособна да не може да ја поправи мерната станица во Куманово а не пак да постави нова и функционална-нагласи портпаролот на ЛДП Куманово.

Од ЛДП ветија дека по доаѓање на новата власт во април наредната година, ќе посветат значително внимание на животната средина. Прв приоритет во таа насока ќе биде поставување на функционална мерна станица, која ќе покаже каков квалитет на воздух дишат кумановци.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)