ЛЕК ЗА ЗАВИСНОСТА НА ЕВРОПА ОД РУСКАТА ЕНЕРГИЈА

НИЛС ФУГЛСАНГ

 

Кратко време по руската инвазија на Украина, ЕУ ги објави плановите да ја намали својата зависност од руско гориво за две третини во текот на оваа година и целосно да ја прекине својата зависност „во период пред“ 2030 година. Поголемата енергетска ефикасност може да биде од голема помош кон тоа ЕУ да ги постигне овие цели.

Шокантната инвазија на Русија врз Украина ја разбуди Европската унија во однос на итната потреба да се намали нејзината зависност од фосилните горива од Русија. Сепак, додека ЕУ прави напори да го избегне рускиот енергетски јарем, таа не смее да ја занемари суштинската важност на енергетската ефикасност.

ЕУ е најголемиот клиент за рускиот природен гас и нафтени деривати. Русија учествува со околу 40% од увозот на гас во ЕУ и со околу една четвртина од увозот на нафта, но дури сега стана јасно колку е ранлива поради тоа. Затоа, набргу по нападот на Украина, ЕУ објави планови за намалување на својата зависност од руското гориво за две третини во текот на оваа година и целосно да ја прекине својата зависност „во период пред“ 2030 година. Поголемата енергетска ефикасност која би била постигната преку основни инвестиции како што се прозорци со двојно стакло, современи термостати и изолација на зградите – може да бидат од голема помош кон тоа ЕУ да ги постигне овие цели.

Според Европската комисија, кога енергетската ефикасност се зголемува за само 1%, увозот на гас опаѓа за 2,6%. Со други зборови, Европа може да направи голем геополитички и еколошки исчекор напред со едноставно трошење на помалку енергија. Во минатото, потребата од ефикасност честопати беше ставена во сенка во дискусиите за енергетската политика на ЕУ, преку целта да се зголеми уделот на обновливите извори како што се ветерот, сончевата енергија и хидроцентралите.

Но, овие цели се две страни на една иста паричка. За среќа, широкиот пакет на ЕУ за предлог законодавство за климата – кој има за цел да ги намали емисиите на стакленички гасови во унијата за најмалку 55% ​​во споредба со нивоата од 1990 година до 2030 година, што е повеќе од целта која е моментално договорена и која изнесува 40% – ја препознава оваа комплементарност.

Покрај мерките за зголемување на употребата на обновливи извори, пакетот „Fit for 55“ содржи предлог за зголемување на целта на ЕУ за енергетска ефикасност за 2030 година – од 32,5% од финалната потрошувачка на енергија на 36% (оваа цел се заснова на проекциите од 2007 година кои се однесуваат на вкупната потрошувачка на енергија на ниво на ЕУ во 2030 година.) Со цел да им се даде поголема сила на овие напори, Комисијата сака овие цели да бидат правно обврзувачки. Пакетот беше презентиран од Европската комисија во јули минатата година а војната во Украина го направи уште поважно неговото спроведување.

Но, Европскиот парламент и владите на ЕУ, исто така, мора да направат уште подалечен исчекор и да се согласат на уште поамбициозна цел. Како пратеник во Европскиот парламент задолжен за постапување со нацрт законската рамка за енергетска ефикасност во наредните месеци, јас ќе се залагам за задолжителна цел за енергетска ефикасност на ниво на ЕУ од 43% од крајната потрошувачка до 2030 година.

Исто така, моја препорака е да се воведат обврзувачки цели на национално ниво со цел да се даде поткрепа на она што е зацртано на ниво на ЕУ и да се прилагодат предвидените зацртани клучни настани во 2025 и 2027 година, во насока на обезбедување дека траекторијата до 2030 година и понатаму ќе има кредибилитет. Дополнително, ние треба да ја прошириме обврската за доградба на 3% од јавните објекти годишно да го вклучува и социјалното домување.

Неопходно е исто така да ги подобриме одредбите кои се однесуваат на подобрување на енергетската ефикасност кај домаќинствата со ниски приходи. Поголемата ефикасност би помогнала да се заштитат домаќинствата од зголемувањето на цените на енергијата – нешто што почна да се случува во Европа минатата година како резултат на негативните тенденции на пазарот на гас– и сметките за парно да бидат во износ кој ќе биде достапен. Владите на земјите членки може да се откажат од изгледите ЕУ да воведе построги и обврзувачки барања за заштеди на енергија на национално ниво.

Впрочем, во 2018 година, кога сегашната цел за енергетска ефикасност за 2030 година беше договорена, земјите членки инсистираа таа да биде необврзувачка. Но, вреди да се напомене дека земјите членки заедно не се на вистинскиот пат да се исполни дури и оваа цел. ЕУ веќе не може да си дозволи да ја занемарува енергетската ефикасност. Настрана од унапредувањето на геополитичките и климатските цели на Европа, поголемата ефикасност ќе донесе значителни економски и општествени придобивки.

Реновирањето на зградите што ја зголемува ефикасноста значи ветување за отворање на голем број квалификувани работни места и стимулирање на економската активност во градовите и насекаде. Благодарение на големите средства што ЕУ ги обезбеди за да се надмине назадувањето предизвикано од пандемијата во 2020 година, земјите членки се во силна позиција да започнат бран на реновирања на објекти ширум Европа.

Имајќи ги предвид широките придобивки од зголемувањето на енергетската ефикасност, националните лидери мора да покажат поголема политичка посветеност кон рамката на ЕУ. Националната сензитивност во врска со слободата да се делува е нешто што долго време ги попречуваше амбициите ширум ЕУ.

Справувајќи се со големите кризи (пандемијата, војната во Украина), ЕУ отфрли други, уште поголеми, политички табуа. Со оглед на поновата историја, подобрувањето на предлог законските решенија за енергетска ефикасност на ЕУ треба да биде политички изводливо исто толку колку што е стратешки разумно.

 

Авторски права: Project Syndicate, 2022. www.project-syndicate.org

Коментари

коментар(и)